Ерос Рамацоти во Скопје: Фантастична сцена и совршена музичка приказна

1 октомври 2019

Публиката што вчера ја исполни салата „Борис Трајковски“ до последното место, уживаше во несекојдневен музички спектакл. Вечниот италијански шармер, Ерос Рамацоти приреди шоу какво што долго не сме виделе и постави висок стандард кога се концертите во прашање.

После Белград, во рамки на турнејата „Vita Ce N'e“, го посети и Скопје, а двочасовното музичко дружење го започна со песната по која е и насловена турнејата.

„Добровечер Скопје! Имајте добра забава!“, беа речениците со кои пејачот на македонски ја поздрави публиката, а кои предизвикаа вистинско воодушевување кај присутните.

А уште поголемо воодушевување предизвикаа светлосните ефекти и сцената.

На почетокот видовме 3Д проекција на планетата Земја, со што Ерос ја најави и темата на концертот, а потоа секој блок песни беше проследен со соодветни ефекти и приказна на сцената.

Посебно впечатливи беа и видеата за загадувањето на планетата, со податоци кои соопштуваат сериозна, загрижувачка состојба, како и пораката дека заедно можеме да направиме промена.

За тоа дека во живо звучи подеднакво добро како и на аудио снимките, нема потреба да се дискутира, а видовме дека е и одличен гитарист! И на 55 години е сè уште добар фраер, кој знае одлично да комуницира со публиката. 

Дел од бината имаше и патека до публиката, што е реткост на концертите во „Борис Трајковски“, а Ерос неколку пати се симна меѓу обожавателите и одблиску ги поздравуваше, а добар дел од присутните можеа да се видат и на видео-бимовите, што беше уште едно од нештата поради кои за многумина ова ќе биде незаборавен концерт.

Покрај песните од новиот албум, Рамацоти нè потсети и на некои од неговите најголеми хитови, меѓу кои „Fuoco nel Fuoco“, „Un Altra Te“, „Se Bastasse una Canzone“, „Musica e“, „Un' Emozione per Sempre“, „Piu Che Puoi“... Го слушнавме и хитот со Луис Фонси „Per Le Strade Una Canzone“, но публиката максимално се расположи на големиот хит со Тина Тарнер, „Cose Della Vita".

 
 
 
View this post on Instagram

Концерт за паметење @ramazzotti_eros во Скопје

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk) onSep 30, 2019 at 12:53pm PDT

 Пејачот и неговиот фантастичен бенд беа вратени на бис, што беше само показател дека се жедни за вакви музички уживања. 

На крајот, коментарите за висината на цената на картите престануваат во оној момент кога ќе видите што добивате - незаборавно адуио-визуелно искуство кое долго се памети! Дури и да не сте фан на Ерос, туку сте едноставно љубител на добри концерти, овој е од оние што не се пропуштаат.

Концертот беше во организација на „Авалон продукција“.

 

Објавено:
1 октомври 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.476 пати