EСНАФ: Креативна магија во центарот на градот

18 август 2020

„Секој од нас се раѓа како мал креативец и без разлика што животот ни ги "одзема" овие способности, талентот секогаш го пронаоѓа својот пат“. Токму ова е иницијалната мисла со која „Еснаф“ стана семејство на креативци и занаетчии.

За сега брои повеќе од 80 членови, од тинејџери до пензионери, а бројот се зголемува. Не е важен полот, степенот на образование, верска или друга припадно. Важен е талентот, креативноста, магичните раце и на крајот љубовта за она што го работат.

 Од неодамна се на нова локација, во центарот на градот, во близина на „Грча амбасада“.
 
„Еснаф станува препознатлив по големиот избор на уникатни производи и персонализирани подароци и успешно ги задоволува желбите на најпребирливите купувачи. Од друга страна, нашите луѓе подаруваат т.н. сигурни подароци: книги, козметика, марами.... вистина е дека убава книга никогаш не е вишок, но ни недостасува имагинација. Во Еснаф доаѓаат луѓе кои размислуваат надвор од рамката, кои сакаат да подарат пред се љубов, а потоа предмет. Секое парче има свое име, своја приказна, носи порака. Купувачот може да се препознае себеси, или оној на кого подарува во некое специфично парче.
Кога луѓето бираат подарок, без разлика дали е некое парче накит, декоративен предмет, некој додаток, имате прав ритуал, цела "анализа" на личноста, возбуда, радост дека ќе израдувате некоја драга личност, некое посебно задоволство. Кога си заминуваат со подарокот, заминуваат со целата среќа на светот“, велат од колективот.
 
Со оглед на тоа дека Македонија е една од земјите што и покрај индустријализацијата успеала да ги зачува и занаетите во живот, од „Еснаф“ велат дека инспирацијата и децении подоцна, ја црпат токму од богатата традиција и култура.
 
„Институтот Креативна Македонија, во чии рамки е создадено СП Еснаф и чија мисија е развојот на креативниот и иновативниот потенцијал кај луѓето од сите возрасти, е организатор и спроведувач на повеќе циклуси работилници. Овие работилници под мотото" Создади наследство, научи занает" се оддлична можност да се изучуваат различни занаети како вeзење, плетење, шиење, изработки на накит во различни техники и др.. Интересот е навистина голем, а ние сме пресреќни што придонесуваме дел од занаетите да останат актуелни“.
 
Ако сте љубител и почитувач на рачна изработка, креативност и традиција, тогаш имате доволно причини да ги посетите. Повеќе за нив можете да прочитате и од разговорот што го водевме пред неколку месеци.
Објавено:
18 август 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
631 пати