Филмот „Сестри“ на Дина Дума е македонскиот кандидат за „Оскар“

14 октомври 2021

Друштвото на филмските работници на Македонија соопшти дека годинашниот македонски кандидат за „Оскар“ за најдобар меѓународен филм за 2022 година е „Сестри“ на режисерката Дина Дума.

Ова е нејзино деби остварување, а во конкуренција се најде заедно со „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи.

Одлуката ја донесе Комисијата за избор на македонски кандидат за „Оскар“ при ДФРМ во состав Дејан Димески, кинематографер и претседател на Комисијата, Роберт Јанкуловски, фотограф и кинематографер, Петар Богоевски, дизајнер на светло, Несрин Таир, актерка, Снежана Поњавиќ-Муча, сценографка, Александар Пејовски, композитор и актерот Дритон Вејсели.

Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука пак соопшти дека 94. церемонија за
доделување на Оскарите ќе се одржи на 27 март 2022, во Лос Анџелес. Прелиминарната листа од 15 финалисти за номинација за Оскар во оваа категорија ќе биде објавена на 21 декември, од кои на 8 февруари 2022 ќе се изберат 5 номинирани филмови.

фото: Филмски фестивал Карлови Вари

За потсетување, „Сестри" во август имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Карлови Вари каде освои Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот. Филмот е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување, а македонската фестивалска премиера беше на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки" во Битола.

Објавено:
14 октомври 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
888 пати