(Фото) Првата вечер на „Макфест“ во знакот на новиот музички потенцијал

22 октомври 2022

Верниот сопатник на македонската поп музика, реномираниот фестивал на забавни мелодии „Макфест" вечерва во Штип по 37-пат ги отвори страниците на својата музичка лектира, во која ќе бидат запишани нови поп хитови по низата антологиски евергрини што фестивалот ни ги подари во изминативе речиси четири децении.

Со нов концепт, „Макфест" годинава нема натпреварувачки карактер и како што соопштија од организацијата на чело со уметничкиот директор Роберт Саздов, целта е да се испеат рефрени кои ќе се паметат.

По три години, фестивалот се врати на сцената на културниот дом „Ацо Шопов", а годинава публиката има можност да го следи фестивалот во живо и на видео бим поставен на штипскиот плоштад.

Двете фестивалски вечери имаме можност да слушнеме вкупно 24 нумери во програма која ги соединува веќе етаблираните поп изведувачи со младата и нова генерација музички таленти.

Првата вечер „Макфест" во најголем дел беше посветен на помладата генерација музичари и ни го презентираше новиот потенцијал на домашната поп сцена, па имавме прилика да слушнеме жанровски различни песни, од балади преку салса до нумери со модернистички предзнак.

Истовремено, „Макфест" ни понуди лепеза од различна сценска естетика која визуелно го надополнуваше жанровскиот диверзитет (видовме од провокативни сценски костими, предуви, светки, монохроматски изданија, до урбани младешки комбинации, вклучително и такви кои по својата естетика се сметаат за сигурни и проверени), а фестивалската мода секогаш имала значајна улога за комплетниот впечаток.

Ако вообичаено доминирале, елегантни и безвременски црни комбинации, овојпат изборот на изведувачите го карактеризираше поголема слобода во однос на боите, па и кроевите. Земајќи предвид дека се работи за фестивал со децениско реноме и еден од главните промотори на македонската музика, неговата сцена заслужува магија. Како визуелно ќе биде спакувана приказната на сцена, има големо влијание во однос на тоа колкав впечаток ќе остави изведувачот и како ќе биде запаметен. Затоа, тие неколку минути на сцена се шанса навистина да блеснете. Некогаш, моќта е во едноставноста, а некогаш песната и целиот концепт на сценскиот настап бараат сјај, екстравагантност, па и драматичност, визуелен расказ што ќе нѐ води низ музиката. Сцената е комплексна и затоа секогаш бара сериозен тимски пристап и осмислен сценски изглед за да се искористи целиот нејзин потенцијал.

Јана Спирковска во дизајн на ЕЛЕНА ЛУКА

Едно комплетно доживување на сцена ни понуди талентираната поп пејачка Јана Спирковска, која беше меѓу годинешниве дебитанти на фестивалот и остави одличен впечаток. Изведе модерна поп песна насловена „Дел од себе", а беше стилизирана во трендовски шик фустан со дискретен сјај, уникатна креација на ЕЛЕНА ЛУКА, совршено компатибилен на песната, што се покажа како вистински идеален избор за целосно искористување на потенцијалот што го нуди фестивалската сцена.

Јана Спирковска во дизајн на ЕЛЕНА ЛУКА

„Оваа ми е прва година како изведувач на „Макфест" што за мене претставува огромна чест затоа што отсекогаш ми било голема желба да се појавам на неговата сцена. Соработував со прекрасен тим. Продуцент и автор на песната е Кирил Зарлинов (Ерик Фокс), снимена е во студио Јованови, а текстот го потпиша Рената Кралевска. Песната има диско ритам и од првото слушање ми се допадна. Особено ми значи прекрасната соработка со нашиот етаблиран моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА која го одбра совршениот фустан за мене оваа вечер, соодветен на песната и на целата сценска замисла, за што сум навистина благодарна", ни изјави Јана непосредно пред нејзиниот настап.

Јана Спирковска во дизајн на ЕЛЕНА ЛУКА

Меѓу дебитантите на „Макфест" вечерва беше и Марија Спасовска, која јавноста ја познава како една од нашите успешн претставнички на детската Евровизија.

„Возбудена сум едвај чекам да излезам на сцена. Вака одамна се немам почувствувано, уште од мојот настап на детската Евровизија. Песната е насловена „Омилен", а јас сум кантавтор, додека автор на аранжманот е Роберт Билбилов. Направивме една модерна песна, во модерен стил и се надевам дека ќе биде хит", го сподели со нас своите очекувања и Марија, непосредно пред да настапи на сцена.

Марија Спасовска во дизајн на Занов

Марија Спасовска во дизајн на Занов

Мелани Тарчуловска во дизајн на Нина Ристовска

„Con el diablo", како можеме да слушнеме по самиот наслов, не е секојдневна песна, има шпански наслов, шпански речник, исто така и ритам којшто не е толку често употребуван кај нас во македонската музика. Мојата песна конкретно спаѓа во денс-латино жанрот и сум многу изненадена од самата себе затоа што не очекував дека можам да изведам такво нешто.", изјави младата Мелани Тарчуловска за која исто така ова беше дебитантски настап на „Макфест“, стилизирана во сценски костим зад кој се потпиша дизајнерката Нина Ристовска.

Мелани Тарчуловска во дизајн на Нина Ристовска

Филип Пешевски беше меѓу поискусните учесници на првата фестивалска вечер, а „Уште си таа“ е насловот на композицијата што тука ја промовираше. Беше стилизиран во една од проверените варијанти што вклучуваат комбинација од сако со џебно марамче, кошула и елегантни панталони. Со нас, тој го сподели своето видување за домашната фестивалска сцена. 

„За жал ги нема другите фестивали и не знам која е причината за тоа, но е огромна трагедија за македонската музика. Секојпат кога се емитувал некој фестивал, јас и брат ми сме се „нацртувале" пред телевизор и сме гледале и слушале артисти, тие што сега ми се пријатели и колеги. Од искуства на Макфест, првата година кога настапив, 2017, ми е една од омилените и ми беше многу драго што повозрасните колеги, како Ѓоко Танески и како постарата гарда не' прифатија, и од тогаш останавме во добри односи. Така што, Макфест е традиција, Макфест е нешто што треба да трае и повеќе да се надоградува."

Филип Пешевски

Во галеријата во продолжение погледнете дел од амбиентот на сцена доловен преку нашиот фото објектив.

Утре продолжува втората фестивалска вечер на сцената на културниот дом „Ацо Шопов" во Штип со почеток во 20.30 часот.

Марија Атанасова

Филип Пешевски

Александар и Балкан бенд

Александар и Балкан бенд

Мила Николовска

Мила Николовска

Се потсетуваме на фестивалската и модната историјата на „Макфест“

„Макфест" се одржува под закрилата на Штип секој октомври од 1985 година па се до денес. Низ фестивалот се слушнале преку 1000 композиции, од кои поголемиот број се хитови и евергрини.

Да се потсетиме малку на историскиот момент за овој фестивал. Макфест долги години беше единствениот промотор на македонската музика надвор од државата. Во рамките на Југославија беше интернационален фестивал, со многу гостувања на познати странски музички имиња, а по осамостојувањето стана најголем музички бренд на нашата земја. Член е на Меѓународната федерација на фестивалски организации (ФИДОФ) со седиште во Лос Анџелес во која членуваат 1600 фестивали од 102 земји од светот. Поради добри резултати два пати доби признание од (ФИДОФ), а во 1997 година е прогласен за фестивал на годината. Макфестовската сцена продолжува да лансира нови музички ѕвезди.

Можеме слободно да се согласиме дека времето си го прави своето па ако се навратиме малку во модната фестивалска историја, конкретно на „Макфест" ќе забележиме дека од 1986 година па до денес направена е вистинска револуција во кроевите, моделите, деталите, модните додатоци, шминката, боите, фризурите. Почнувајќи од Хелена Благне која во 1986 година на „Макфест" ја испеа „Кога те нема", облечена во металик фустан припиен за тело, со моден додаток ракавици на кои беа зашиени крилја по крајот, долга коса со кренати шишки на страна, стајлинг кој комплетно ги отсликува 70-тите години и кој е мошне смел избор за тоа време, личи на марсовско-вселенски костим, кој во комбинација со нејзиниот моќен вокал и ја донесоа и првата награда.

Останатите карактеристики на женските модели се широки кошули со неизбежните потпонки, по можност тие да се од некој лесен свиленкаст материјал и тој да има дезен со точки и златни копчиња, како кошулата на Маргарита Христова и Маријана, а за оние кои сакаат да го нагласат сексапилот кратките припиени фустани во стилот на Тајчи стегнати со дебел ремен околу струкот е идеален избор, како она што го носи Силви од групата Силви Бенд. Не заостанува и андрогениот стил кој може да го забележиме кај Лидија и Тања Кочовски кога ја изведуваа заедно со Игор и Апелгрен легендарната нумера „Љубов запеј ни". Да не ги заборавиме и пумпарестите ракави особено во делот на рамениците, кој му даваат по малку куклест епитет на целиот стајлинг, а можевме да го забележиме кај Росана од дуото Маријана и Росана кои ќе останат запаметени по нивната „Признавам" и кај Љупка Димитровска која носеше бел фустан во вид на невестински фустан изведувајќи ја „Ѕвона Ѕвонат".

Шминката е во екстреми и се движи од силни тонови до минимализам сведувајќи се само на туш, маскара, кармин и руж. Фризурите се како тонски скали, од тапирани кошеви, кои беа белег на 70-тите, па слатките пунџи со кадрица на стана од лицето кои беа актуелни во 80-тите и тоа беше синоним за уредно средена свадбарска и матурска фризура, па се до едноставни пеглани кон крајот на 90-тите.

Макфест претставува вистинска плејада на стилови и правци, сведок на едно време и една епоха.

Објавено:
22 октомври 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
4.224 пати
Тагови: 
Макфест