Во националната галерија „Чифте Амам“ денеска беа изложени фотографии од различни локации низ Скопје, направени од децата со аутизам кои денеска беа особено горди на нивните дела.

Официјалниот дел го отвори Маја Димитрова, координатор на проектот „Уметност за сите“, под чија капа беше и изложбата „Од мој агол“, а поддржани од Холандската амбасада.

На изложбата беа презентирани најдобрите фотографии кои децата со аутизам ги направија во текот на организирано фотографирање низ Скопје.

„Искрено, јас не видов деца со посебни потреби. Од мој агол видов само многу љубов и светлина коишто ми ја стоплија душата, па оттаму сум им бескрајно благодарна. Тие ни пренесоа порака низ слика: Еден магичен свет, а во него едно мало езерце со лилјани, зеленило, цветни фонтани, пазарски тезги со плодови, виножито од бои и вкусови“, рече Димитрова.

На отворањето на изложбата настапија и „Dancers United“, а на присутните им се обрати и амбасадорот на Кралството Холандија, Вилем Ваутер Пломп кој ги пофали фотографиите и рече дека е особено задоволен што се случуваат вакви настани и тоа во прекрасно место како што е Националната галерија.

Во галеријата погоре погледнете дел од фотографиите и изложбата која се одржа денеска во Чифте Амам.

Објавено:
18 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
658 пати