Фраер како Стинг се раѓа, не се станува!

3 јуни 2019

Ако на 67 години имам енергија како Стинг, ветувам дека и јас ќе пејам на Градски! Вчеравечер, музичката рок легенда Стинг по втор пат пееше за македонската публика, овојпат на Градскиот стадион.

Како што беше најавено и како што ѝ доликува на светска музичка икона, тој се појави на сцената точно во 22 часот и неуморно, без ниту една пауза пееше цел час и 45 минути.

На оригиналната бина од Егзит, музичарот ги испеа неговите најпознати песни од кариерата и од онаа на „The Police“, како дел од турнејата насловена како „My songs“.

За среќа на сите, по обилните дождови во текот на целиот ден, вечерта времето нè послужи повеќе од кога и да е, па бројната публика речиси два часа пееше во еден глас со неповторливиот Стинг.

Неговата заразна енергија, движењата што ги правеше, фантастичните звуци од неговите две гитари и мултиталентираните музичари направија вториот концерт на музичарот да биде уште подобар од првиот.

Тој не е само пејач, тој е многу повеќе од тоа. Воопшто не треба да се споменат неговите способности на гитара, неверојатниот вокал што одекнуваше на Градски, енергијата која е речиси невозможна ако се земе во предвид дека е во седмата деценија од животот, „фраерското“ однесување со кое уште еднаш потврди зошто со години е на врвот.

 
 
 
View this post on Instagram

#englishmaninnewyork

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk) onJun 2, 2019 at 1:23pm PDT

Подеднакво фасцинантни беа музичарите со кои настапи, а кои без проблем можат да се „мерат“ со неговиот талент. Пратечките вокали во неколку наврати дополнително ја разиграа публиката со нивните соло настапи на некои од најпознатите песни на рок легендата.

Младите момци кои скоро неверојатно свиреа на своите инструменти беа вистински празник за очите, додека најмладиот од нивната екипа, како што го најави пејачот, „растури“ на усна хармоника.

И вчерашната недела беше празник за македонскиот народ. По неверојатните моменти што нѝ ги приреди Вардар и станавме прваци на Европа, доживеавме концерт за кој долго ќе се зборува.

И самиот Стинг доби дрес од првиот човек на Авалон, Бобан Милошевски, па некако очекувавме да ја поздрави нашата голема победа, но и без тоа беше фантастично.

Секако, тој спомена дека му е драго што по втор пат е на концерт во Скопје, овојпат во лето, шегувајќи се на сметка на времето што не му беше непознато, но сепак, одлично издржа.

И ако овој концерт од Авалон го најавуваа како нивниот најамбициозен проект по Џејмс Браун и Карлос Сантана, ние едвај чекаме да видиме со кого ќе се надминат следно.

Уште еднаш, ви благодариме што по втор пат овозможивте да уживаме во друштвото на Стинг од кое тешко беше да се одделиме.

Фото: Авалон продукција

Објавено:
3 јуни 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.644 пати