Галери Лафајет во Париз - последните трендови и раскошната архитектува споени во едно!

21 август 2014

Кога ќе се спомене Париз, многумина веднаш помислуваат на Ајфеловата кула, на знаменитостите како музејот Лувр, прошетките по кејот на Сена, на Мулен Руж, на Нотр Дам...

Но, уште една од многубројните убавини што ги крие романтичниот Париз е и огромниот и неверојатен шопинг центар Галери Лафајет или во оригинал Galeries Lafayette.

Огромниот трговски центар има површина од околу 70.000 квадратни метри и повеќе од 25 милиони посетители годишно, кои имаат можност да уживаат во неверојатниот луксуз што го нуди Галери Лафајет.

Токму таму, ќе можете да најдете огромен број на светски познати продавници на големи брендови како Долче и Габана, Ермес, Луј Витон, Сен Лоран, ќе можете да уживате додека ги пробувате најновите производи на козметиката на Диор, но и да уживате во огромниот оддел за храна во кој ќе ја најдете и најубавата продавница за зачини во светот!

Овој трговски центар се наоѓа буквално во срцето на Париз. Во 2009 – тата година беше соопштено дека Галери Лафајет забележила годишен промет од околу милијарда евра, што е навистина фасцинантно.

Самиот трговски центар е сместен во неверојатно архитектонско издание од десет ката, а секојдневно на своите посетители им нуди бесплатни ревии и услуги од голем број на стилисти кои вашето шопинг искуство ќе го доведат до совршенство.

Престижниот париски трговски центар е отворен околу 50 години подоцна од оној првиот, Au Printemps (или во превод „На пролет“), односно некаде околу 1910 – тата година.

Главната зграда која била проектирана од Фердинанд Шану, во внатрешноста била украсена со фамозна купола која што во тоа време ја имале само катедралите, со што всушност бил означен и пресвртот во архитектурата на стоковните куќи ширум светот.

Архитектот Шану, внатрешноста на објектот му ја доверил на Луј Мажорел, кој во ист стил, неколку ката под куполата направил фасцинантни балкони поврзани со живописни столбови и неверојатни градби, со што сето тоа на крајот дефинитивно изгледало како театар под блескавата купола.

Галери Лафајет е дефинитивно најубава за време на Божиќните празници. Доколку некогаш се најдете во Париз околу нова година, дури и да немате намера да купите нешто, задолжително треба да го посетите овој трговски центар.

Прославата на новогодишните и божиќните празници тука е во секој поглед многу поинаква. Откако на 19-ти јануари 1919 – тата година, Галери Лафајет го привлече буквално цел Париз да го гледа слетувањето на кровот на авионот со кој управуваше еден од пионерите на авијацијата Жил Вердин, прославувањето на празниците стана фасцинантна традиција во овој трговски центар.

За огромниот успех на овој трговски центар сведочи и неговата експанзија надвор од Франција, односно отворањето првично на помали продавници ширум земјата, а подоцна и со отворање на Галери Лафајет и во Берлин во 1996 – тата година, со што се започна и новото поглавје на успех на еден од најпознатите трговски центри во светот.

Галери Лафајет Берлин Галери Лафајет Берлин

Денеска, Галери Лафајет претставува ланец на трговски центри во неколку од најзначајните шопинг места во светот, како Њујорк, Дубаи, Пекинг, Џакарта, Мароко, а кон почетокот на следната година ќе биде отворена и во вечната Италија!

Објавено:
21 август 2014
Категорија: 
Култура