Галичка свадба: Идентитетот проткаен низ Мијачките носии

14 јули 2022

„Ако Македонија е библиска земја, Галичник е нејзината последна реликвија!" — Петре М. Андреевски

Овој викенд ќе ечат тапаните и ќе писнат зурлите на Галичката свадба. На Галичник ќе се игра „Тешкото", сватовите ќе се фатат на „Свекрвино оро", ќе се пеат изворни песни, тивките семејни куќи ќе бидат исполнети со џагор и веселба и ќе бидат изведени традиционалните ритуали кои како бесценето културно наследство се пренесуваат од една до друга генерација, како белег на нашиот идентитет.

Галичка свадба е наша сјајна точка на светската културна мапа, а „Њујорк тајмс" во 2018 година ја вброи меѓу најдобрите манифестации во Европа.

Идентитетот проткаен низ Мијачките носии има посебно значење за културната традиција на Галичник и Галичката свадба.

Затоа, ден пред главната манифестација, се осврнуваме и детално се запознаваме со културолошката, естетската, занаетчиската и историската димензија на Мијачките носии.

Мијачката народна носија покрај мијачкиот регион, застапена е и во Смилево (Битолско), Папрадиште и Ореше (Велешко), Ехловец (Кичевско) и Крушево.
Главна одлика на оваа носија е особено богатиот алов и "кинат"- ажуриран вез, кој главно е застапен на женската носија, и тоа претежно распореден на ракавите и предниците- "партите" од кошулата. Покрај тоа уште се одликува со изобилство на реси распоредени речиси низ целата носија, како и со метален накит, кои на оваа облека и придаваат достоинствен и господствен изглед.

Носијата на Мијаците укажува за нивното болјарско (царско) потекло. Особено со такви богати украси на вез и накит, се одликува невестинската носија.

Белите клашнени облеки, украсени со црни гајтани, се главни одлики на машката мијачка носија. Ова е условено од климатските и стопанските услови во кои тие живееле (живеат) како сточари во планинските предели на планината Бистра, Стогово, Крчин и Кораб.

Мијачката женска народна носија изобилува со голем број детали:

Минтан – долна облека од клашна, украсен на предниците и ракавите со кадифе, згора извезен со срмено "букме" и гајтани. Вез – "лоза" се закопчува со сребрени филигрански петлици.

Кошула "тнока" – од домашно дебело платно, целосно извезени ракави. Го добила името по главниот орнамент застапен на ракавите и кошулата.

Елек – од домашно платно, предниците потплатени со "свита" – чова и згора украсени со срмени гајтани и позлатени петлици.

"Клашненик гувеалски" – горна облека, од домашна бела клашна. Предниците – "свитките" богато извезени со срмени и "алосани" гајтани, "букме" и позлатени "петлици". Долу клашеникот е украсен со гајтани и бикме. Наместо ракави има "паткавици" – "рокави" (украсни парчиња што се спуштаат низ плеќите).

Појас – ткаен четворно од "чиста" црвена волна. По краиштата богато украсен со "киски" – реси.

"Препашка" – појас, лито ткаена од алова преѓа со прави шарки, по краиштата украсена со "китови" – реси и "поплети".

"Ризинче" – свилено шамивче, индустриски производ.

"Фута стамболска" – скутина, цариградска копринена, украсена со "колца".

Шамија – свилена со "киски" – реси, индустриски производ.

"Чапрази" – со "трепетушки" – пафти со срмен колан.

"Низалка" – накит за потпојас, со три реда синџири поткитени со сребрени пари, кувенџиска обработка.

Ѓердан поткитен со "дубли" – златни пари.

Чорапи "гувеалски" – плетени од волна, ишарани со шарбите "петнаесет игли" и "девет игли".

"Врзаници" – невестински чевли, направени од жолта и црвена кожа "сафтијан", ишарани со "з'мба".

"Калемќар" – волнена шамија за на глава, индустриски производ.

"Игла" од сребро – накит за на глава со четири реда синџири, а на средина со чапрасчиња, кувенџиска изработка.

Ушници со трепетулки – накит за над уши.

"Плетеници" – украс за на коса, направени од волнени "алосани киски" – рески, украсени со плетеници и "жапки".

"Сокај" – украс за на глава, направена од алова "свита" – чова и платно. Долниот дел украсен со срмени ширити и китки.

Мијачката машка народна носија:

Кошула – од тенко домашно памучно платно.

"Жамадан" – минтан од "свита" – чова, со капаци околу рабовите опточени со машински "тегели" од жолт и црвен конец од макара. Предниците и ракавите украсени со купечки "петлици" – копчиња.

"Бечви" – од бела клашна насекаде по рабовите украсени со црни гајтани, од страните имаат по два "жеба" – џеба, а напред кај "кутелецот" има два цепа за полесно облекување на бечвите.

Појас – исткаен од "чиста" – вишна волна, четворна ткаенина со прави шарки.

"Зобанче зетовско" – од темна или црна клашна. Горна облека долга до појас со "ќулавка" – широка јака која се употребува како засолница од лошо време, дожд, ветер и друго и куси "рокави" – ракави, терзиска изработка.

"Кече" – капа од црн сатен, украсено со "машински тегели", занаетчиска изработка.

"Чипили" – чевли од црна кожа. Чевларска изработка.

Чорапи – "ластиклии", плетени од црна волна.

Од 15 до 17 јули во живописниот Галичник, на падините на планината Бистра, ќе се одржи 48. издание на автентичната културно-сценска манифестација „Галичка свадба". За галички зет и невеста оваа година се избрани Илчо Димитров и Елена Дуровска, а карактеристично за годинешната манифестација е што покрај нив, во црквата „Свети Апостол Павле" во ист ден ќе бидат венчани и Искра Блажевска и Марко Бекриќ, додека Марија Крстевска и Владимир Черепналковски ќе го кажат судбоносното „да" во Галичник на 28 август.

Програмата на годинешната Галичка свадба започнува на 15 јули вечерта, со јубилеен концерт посветен на великанот на народната песна Александар Сариевски, кој родум е токму од Галичник, а годинава се навршуваат 100 години од неговото раѓање и 20 години од неговата смрт.

Извор:
-"Македонски народни носии", во издание на Етнолошки музеј на Македонија, од 1963 година, како и материјали од приватните колекции на жители од село Тресонче.

-Фан страна: https://www.facebook.com/muzej.makedonija/

-Wikipedia

- Национален парк Маврово

 

Објавено:
14 јули 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
169 пати