Најважната ноќ кога е телевизијата во прашање се случи вчеравечер кога Колин Јост и Мајкл Че од „Saturday Night Live“ и официјално ги отворија 70 – тите традиционални Еми награди.

Најголемите победници на вечерта дефинитивно беа „Game of Thrones“ за најдобра серија и „The Marvelous Mrs.Maisel“ за најдобра комедија.

Наградата за најдобра актерка во драма серија сосема заслужено отиде во рацете на неповторливата Клер Фој за нејзината улога во одличната The Crown, а наградата таа му ја посвети на нејзиниот колега и пријател Мет Смит кој глуми заедно со неа во серијата.

Уникатната Тенди Њутон ја доби наградата за најдобра споредна женска улога во серија за нејзиното учество во „Westworld“, додека актерот Питер Динклејџ ја доби наградата за најдобра споредна улога во „Game Of Thrones“.

Организаторите ниту овојпат не заборавија на сегментот каде се сеќаваат на некои од познатите личности кои не напуштија минатата година, а популарната актерка Тина Феј кажа збор – два за нив додека песната „Amazing Grace“ на неповторливата Арета Френклин одеше во позадина на видеото.

Момент за паметење беше и оној кога режисерот на Оскарите Глен Вајс, кој воедно ја доби наградата во категоријата најдобар режисер на настан, ја побара неговата девојка за жена на што сите присутни се воодушевија.

Сосема очекувано, сите кои се појавија на црвениот килим беа извонредни, особено дамите кои годинава се чини ги носеа најубавите фустани.

Скарлет Јохансон беше прекрасна во бела креација изработена од неверојатен материјал со мини ракавчиња и длабок шлиц.

Подеднакво прекрасна во бело беше и актерката Џесика Бил која на црвениот килим се појави со нејзиниот сопруг Џастин Тимберлејк, а во неодолива креација со пердуви се појави и единствената Пенелопе Круз која изгледаше неверојатно.

Оваа година можевме да видиме фантастични и женствени фустани, а преовладуваа белата, црната и црвената боја.

Сите добитници на наградите можете да ги погледнете на следниов линк, а прекрасните актерки горе во галеријата.

Објавено:
18 септември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
378 пати