Ѓорѓи Личовски: Признанието од Time е поради приказната зад фотографијата

21 декември 2015

Магазинот Time ја објави листата на најдобри фотографии за изминатата година, а на шестото место се најде фотографијата на Македонецот Ѓорѓи Личовски која раскажува една од можеби најтрогателните приказни изминатата година.

Имено, на неговата фотографија може да се видат две мали дечиња на македонско – грчката граница кои во тотален очај се обидуваат да ги најдат своите семејства во настанатиот хаос.

„Да добиеш признание од магазинот Time е нешто навистина престижно, нешто што не се случува секој ден. Јас сум многу среќен за тоа признание, секако дека е огромна чест. Ситуацијата на границата беше навистина тешка, полицијата ја работеше својата работа, но децата беа во ужасна состојба. Тие беа толку многу исплашени, беше хаотично, секој си го бараше своето семејство, а тоа беше навистина потресно за гледање. Во еден момент, ги видов колегите од Франс Прес и од Ројтерс како плачат, тоа беше навистина тешко искуство“, вели Личовски за Fashionel.

Фото: Република

Тој ќе каже дека ова е една од неговите најзначајни фотографии направени во 25 – годишната кариера.

„Јас имам 25 години искуство, а искуството си го носи своето. Во мојата професија, секогаш си во потрага по вистинскиот момент, потребно е да се поклопат коцките за да направиш добра фотографија зад која има приказна. И признанието од Time е поради јаката приказна што се крие зад мојата фотографија. Но, секако, да се влезе во изборот на Time воопшто не е лесна и мала работа“, додава тој.

Приказната зад фотографијата на Личовски раскажува неверојатно тешка приказна од која секој би се трогнал. Со оваа фотографија која беше објавена во голем број светски магазини и весници, тој успеа да упати апел до сите дека ова не треба да се случи на ниту едно друго дете во светот.

Останатите фотографии и добитници можете да ги погледнете на следниот линк.

Личовски деновиве ја освои и првата награда за „Уницеф - Најдобра фотографија за 2015“, за истата фотографија која на изборот на Time се најде на шестото место.

Тимот на Fashionel.mk му честита на признанието!

Објавено:
21 декември 2015
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.485 пати