Го гледавме „Тома“ - за живот во кој царува тагата и љубовта

18 октомври 2021

Речиси месец дена по премиерата во Србија, „Тома“ пристигна и во Македонија. Читавме наслови како буквално ги руши рекордите на гледаност, но и на пролиени солзи.

Се прашувавме дали ќе ни се допадне филмот за човекот за кого знаеме и чии песни сме ги слушнале, но кој ни одблиску нема допирни точки со нашата култура, како што има со српската.

Сепак, го погледнавме филмот кој ги пробива границите, како што тоа го прават и песните на Здравковиќ.

Да, остварувањето има недостатоци, технички пропусти... Костимите некому му се интересни, некому тотално промашување, носот како физичка препознатливост на народниот пејач нагласен дури до ниво на карикатурност, но кога сето тоа ќе го ставите на една страна, а на друга емоцијата - таа ќе превагне.

Ќе посведочите на биографско-драмски филм за личност која пее затоа што душата така му бара. Таа душа во која се собрала неизмерна тага и која само песната ја лечи.

Филм за личност чии стихови после филмот ќе почнете и поинаку да ги толкувате. На крајот, филм за личност која патува низ животот и времето, жалејќи по пропуштените прилики, заминатите љубови, по оние сегашните, по премолчаните емоции - а притоа не сакајќи да се менува, да ја менува својата душа боемска.

Печењевци (родното село на пејачот) ќе биде мало место за него (иако и буквално е мало), тој ќе сака да ја ослободи својата душа, која почнува да се полни со тага првин од домот, немаштијата и односот со таткото, а потоа и со заминувањето на неговата прва љубов, во филмот претставена како Ромката Рушка со букет бели рози. 

Ќе живее за музиката, за моментот тука и сега, за тагата...

И без разлика што таа негова тага, истовремено толку мистично лична и толку универзална, ќе му донесе неизмерна популарност, тој никогаш нема да биде дел од „елитистичката“ класа народни уметници во тоа време - не затоа што тоа не е во поглед на популарноста и успехот, туку затоа во сржта тој тоа не е и не го чувствува.

Актерите успеваат да прикажат одлична емоција, на која не можете да останете имуни. Колку што е лош обидот главниот актер Милан Мариќ да личи на пејачот, толку тој успеа да ја распостела сета емоција до публиката. Тамара Драгичевиќ која ја толкува улогата на познатата босанска пејачка Силвана Арменулиќ, одлично придонесува во претставувањето на платонската, премолчената љубов помеѓу нив, изградена на пријателство. Драгичевиќ одлично ја преставува пејачката како привлечна, а мистична, елегантна, а и таа во себе носи свој облик на тага. И додека Силвана јасно говори дека бега од „калта“ знаејќи дека животот нема реприза, „нема еден како мораме, а друг како сакаме да живееме“, Здравковиќ целиот живот ќе живее во својата „кал“ и од истата ќе се “чисти“ создавајќи музика и стихови, кои на моменти можат да звучат и како поезија.

Одличен кастинг на споредните улоги, кои фрлаат посебна светлина врз филмот. Онкологот кој ќе се грижи за здравјето на Здравковиќ до самиот крај, од негова комплетна спротивност, ќе стане негов најдобар пријател. И ќе се запрашате, кој кого повеќе лечи - докторот Тома или Тома докторот. Создавањето на песната „За Љиљану“ во филмот го следат фиктивни настани, но токму тие успеваат да создадат емотивна кулминација, за која ќе се погрижи токму Љиљана - во филмот сопругата на докторот, а ја толкува актерката Паулина Манов.

Менаџерот, сопругите на Здравковиќ, пријателите, се исто така споредни ликови во чија интерпретација ќе уживате.

Филмот започнува во 1991, годината кога пејачот умира, а потоа шета од 50-тите до 90-тите, претставувајќи еден живот, но и едно време по кое многумина се носталгични.

Можеби акцентот не е ставен на тоа, но е мошне умешно проткаен во целата приказна, па во моментот кога болниот Тома го одржува својт последен концерт во Сараево во 1991 година, пеејќи ги на сцената заедно со Кемал Монтено и Даворин Поповиќ песните „Сањам“ и „Што те нема“, не можете да не им потклекнете на емоциите.

Полусуптилно, но мошне ефектно, тоа е збогување со една држава, со едно време, потсетување на она што веќе никогаш нема да се врати. Некои ќе речат дека и Тома се самоуништил, како што се самоуништи и земјата по која чекорел.

Дали може човек вистински да живее со толку тага... Како успева едно срце да собере толку емоции? Како успева еден човек, исцрпен од емоции како дух, да е толку сеприсутен... Може ли да има љубов без тага и тага без љубов?  Учиме ли ние да живееме со тага, или само ја потиснуваме? И зошто солзите тешко се задржуваат додека се гледа филмот?

Тома живее со неа, но и ја ослободува преку песната... а гледачите ќе можат макар за момент да ја ослободат преку филмот, пуштајќи солза - некој од носталгија по таа држава, некој по некоја своја мината љубов, збогување, потисната емоција... по животот. Ова е филм за кој освен карта, треба да се даваат и пакетичиња марамчиња.

И да, остварувањето можеби и не е ремек дело, но не' потсетува на тоа колку е животот минлив, колку умееме да бидеме кревки, а истовремено и силни и успева да предизвика емоции.

Има тука прилично и  патетика, но ако филмот се оценува по тоа какви се реакциите на публиката од салата по завршувањето, тогаш овој филм ја постигнал својата цел - допрел до душата на тој од спротивната страна, душата каде што за пејачот се наоѓало она суштинското, она единственото важно и вредно.

 

Режија: Драган Бјелогрлиќ
Ко−режисер:Зоран Лисинац
Сценарио: Зоран Лисинац, Никола Пејаковиќ, Драган Бјелогрлиќ, Маја Тодоровиќ
Продуцент: Наташа Вишиќ, Драган Бјелогрлиќ, Жељко Јоксимовиќ, Владимир Лисинац
Главни улоги:  Милан Мариќ, Тамара Драгичевиќ, Петар Бенчина, Андрија Кузмановиќ

Објавено:
18 октомври 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
3.756 пати