Госпоѓа министерка е бесмртна, чуја ли ме?

6 февруари 2017

На големата сцена на Македонскиот народен театар во саботата се случи 150-тата изведба на „Госпоѓа Министерка“.

Некои ја гледаа за првпат, на други пак им беше веќе добро позната, но сигурни сме  дека никому не му беше досадна.

Весна Петрушевска во главната улога на „министерка“ Живка, заедно со режисерката Наташа Поплавска и севкупната екипа што е дел од ова петто продолжение на „Госпоѓа министерка“, создадоа претстава на која постојано со задоволство ѝ се навраќаме.

А зошто?

Затоа што, првин, Нушиќ создаде дело кое нема рок на траење – за жал или за среќа. Тој ја создава во време на развојот на капитализмот и граѓанското класно општество помеѓу две војни.

„Ако некогаш внимателно сте набљудувале сè што се случува околу вас, ако некогаш сте се впуштиле и задлабочиле во односите кои го регулираат животот на едно општество и движењата што ги предизвикува тој регулатор – вие сте морале да забележите дека низ животот на секое општество јасно се бележи една силна и рамна линија. Таа линија ја испишаа традицијата, малодушноста, духовната немоќ и сите други негативни особини на човекот под кои поединците се гушат, а општеството немоќно се предава на едноличноста “, ќе каже Нушиќ во предговорот.

Но, од друга страна, се навраќаме, затоа што комплетната актерска екипа нè доведува до солзи, но овие се од смеење, иако понекогаш имајќи го тоа погоре напишаното на ум, ви доаѓа да се запрашате, кој кому овде му се смее.

Сепак, не може да не се забележи посветеноста, одговорноста и желбата за што позадоволна публика со секое излегување на сцена. И така дури 150 пати.

-Вечерва сите ние имавме трема како првпат да излегуваме на сцена. Одговорноста е голема, а и воопшто не е мала работа 150 пати да изведете една претстава, односно улога. Со оглед дека ја толкувам главната, за мене ова е голема чест, чувството е посебно и навистина сум среќна. Кога ќе слушнете таков аплауз на крајот, едноставно знаете дека добро сте ја завршиле работата – ни изјави Петрушевска.

За овие 150 изведби, екипата на сцената остави многу труд, пот, смеа, импровизации кои ги обожаваме, а примија и со себе понесоа уште повеќе насмевки од публиката, театарска (не)култура, а најмногу од сè аплаузи кои го продолжуваат животот.

Аплаузите ги вратија на бис, тие се поклонија на публиката, а и таа ним!

За крај, и ние упатуваме уште еден аплауз до Весна Петрушевска, Јелена Јованова, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Благица Трпковска, Марија Новак, Драгана Левенска, Софија Насевска -Трифуновска, Томе Витанов, Емил Рубен, Славиша Кајевски, Борче Начев, Трајче Георгиев, Магдалена Ризова-Черних, Даница Ѓеоргиевска, Драгана Босниќ- Миленковска.

Но, приказната не завршува тука. Се гледаме на следната 150 изведба. „Госпоѓа Министерка“ повторно ќе ве очекува, чуја ли ме? :)

 

Објавено:
6 февруари 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.098 пати