Грета Тунберг до светските лидери: Ми ги украдовте соништата и детството!

24 септември 2019

„Ми ги украдовте соништата и детството со вашите празни зборови“, вака некако го започна говорот во Обединетите нации во Њујорк малата и храбра активистка Грета Тунберг.

Овие зборови таа им ги посвети на светските лидери на кои им порача дека е сериозно време да почнат да се занимаваат со проблемот со климатските промени и да најдат начин како да се справат со истите.

„На почетокот сме на масовно истребување, а сѐ за што вие зборите се парите и приказните за вечен економски раст. Како се осмелувате?“, им се обрати Грета на светските лидери.

Vox

Посочи и дека сето она на што тие се концентрираат е тотално погрешно и дека сето тоа треба што побрзо да се смени.

„Јас воопшто не треба да сум тука сега. Треба да сум на училиште на другата страна на Океанот. Па уште се осмелувате да дојдете кај нас, младите луѓе во потрага по надеж? Како се осмелувате?“, говореше енергично и емотивно 16 – годишната Грета во седиштето на Обединетите нации.

По завршувањето на нејзиниот говор, таа се нашла во лобито на зградата во моментот кога пристигнал и американскиот претседател Доналд Трамп кон кого упатила остри погледи.

Токму Трамп се огласи на Твитер по повод нејзиниот говор посочувајќи, веројатно со циничен тон, дека Грета изгледа како среќна, млада девојка на која ѝ претстои светла иднина, по што наиде на остри критики од јавноста.

Грета е родена во 2003 – тата година во познато уметничко семејство. Нејзината мајка, оперската пејачка Малена Ерман во многу наврати говорела за тоа како е да бидеш родител на две деца со дијагностициран аутизам и АДХД (синдромот на недостаток на внимание и хиперактивност).

Откако светот дозна за Грета и таа беше номинирана за Нобелова награда, имаше неколку јавни настапи во кои говореше зошто е важно да се грижиме за околината, а еден од највпечатливите беше оној што го имаше на конференцијата на Обединети нации.

Инфо: The Guardian

Објавено:
24 септември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
979 пати