И годинава спектакуларно блесна божиќната елка во „Galeries Lafayette" во Париз

24 ноември 2020

Новогодишната елка која традиционално за време на празниците го краси трговскиот центар „Galeries Lafayette" во Париз, важи за најубавото новогодишно дрво во Европа.

И годинава новогодишната елка блесна во спектакуларно руво, но овојпат во ограничени околности и вонредни услови. Иако во моментов трговскиот центар е затворен поради ковид пандемијата, сепак може да уживаме во волшебниот празничен амбиент, барем виртуелно и благодарение на социјалните мрежи.

Традиционално елката е поставена под монументалната стаклена купола на објектот, а секоја година декорот го диктира одредена тематика.

Годинава, добиваме прекрасна разгледница од небото, како централна тема во уредувањето на празничниот амбиент на трговскиот центар.

Белгискиот уметник Том Шалп, бајковитата новогодишна приказна ја надополни со уште 11 различни концепти сместени во излозите на исто толку продавници во трговскиот центар низ кои може да прошетаме благодарение на виртуелната тура.

Божиќната прослава и празничното украсување на овој трговски центар, како традиција постојат од 20-те години на минатиот век и во почетокот биле наменетио само за вработените и нивните семејства.
Но, со тек на време оваа традиција се повеќе добивала на популарност и масовност, па од 1976 година станува дел од новогодишната магија на Париз достапна за сите.

Објавено:
24 ноември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
243 пати