Идеја за поздрав: Заеднички простор за социјализација и активен живот на лица од третото доба

14 декември 2019

Активен живот и во третото доба, преку социјализација со што се редуцира осаменоста и заеднички простор за дружба на пензионерите? Звучи интересно? Не се работи за класичен пензионерски дом или пасивно поминување на времето, туку напротив, екстерен простор што овозможува различни форми на активност и социјализација, во рамките на индивидуалните можности.

Фото: Pinterest

Природно е кога родителите ги носат своите деца на детски игралишта, со цел да ги подобрат нивните моторни способности и координација. Исто така, тие имаат потреба од свеж воздух, сончева енергија и интеракција со нивните врсници.

Децата и лицата од третото доба имаат многу повеќе заедничко, отколку било кои други возрасни групи.
Па, зошто истата идеја да не се адаптира и на потребите на возрасните лица, особено луѓето од третото доба и пензионерите?

Фото: Pinterest

Така настанал концептот „паркови за лица од третото доба" што уште од 1995 година се применува во Кина. Идејата веднаш била преземена и во Јапонија, а потоа концептот се раширил во глобални рамки, имајќи ги во предвид позитивните ефекти.

Се разбира, овие паркови и сите активности што ги овозможуваат, се адаптирани на можностите на старите лица и квалитетно пополнување на нивното време.

Вклучува различна опрема за подобрување на мускулатурата, моторната координација, балансот и флексибилноста.

Главната цел не е екстремни физички вежби, туку приоритет е дружењето, а паралелно и пристојно одржување на физичката кондиција и здравје.

Според pri.org, овој концепт е особен хит во Барселона, Шпанија каде има дури 300 вакви паркови. Според официјалните анализи, 40-45% од популацијата во Шпанија ќе има околу 65 години до 2050 година, па токму затоа одржувањето на менталното здравје и добрата физичка состојба, е еден од приоритетите на тамошните власти.

Може ли да размислуваме ваквата идеја соодветно да се имплементира и кај нас?

Објавено:
14 декември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
303 пати