Интернет игра за анти-обожаватели на песната Last Christmas и уште 5 интересни факти

17 ноември 2020

Една од асоцијациите за празничната атмосфера е и песната на Џорџ Мајкл односно групата „Wham“, „Last Christmas“.

И додека едни ја обожуваат и со задоволство ја слушаат стотици пати во текот на празничната сезона, има и анти-обожаватели, за кои посебно е создадена и Интернет игра - Whamageddon.

Имено, ако навистина ви оди на нерви песната и би дале се' да не мора да ја слушате, група лица од Европа создадоа игра во која се состои од неколку правила:

#1 Целта е што подолго да не ја слушнете „Last Christmas“

#2 Играта почнува на први декември, а трае до 24 декември (секој може да ја користи временската зона на која припаѓа).

#3 Ова важи само за оригиналната верзија на „Last Christmas“, така што ви останува да уживате во бројните преработки.

#4 Во моментот кога ќе ја слушнете песна, испаѓате од игра.

#5 Објавете на социјалните мрежи со ознака #whamageddon кога ќе ја слушнете песната.

Создавачите на играта порачуваат дека иако не можат да спречат некого намерно да ги иритира своите пријатели, сепак ова е игра за забава и за тоа кој подолго ќе издржи, а не „битка“, па затоа се надеваат дека ќе нема нефер играчи.

Инаку, одбројувањето на нивниот сајт до почетокот на играта започна, па ако ви изгледа интересно можете да се приклучите.

А во продолжение прочитајте уште 5 интересни факти за безвременскиот хит.

 

-Џорџ Мајкл е комплетниот автор на песната. Негови се и музиката, текстот, но тој се потпушува и како продуцент на истата, а и инструментите при изведувањето на музиката се отсвирени токму од него. Песната се наоѓа на А-страната на дуплиот сингл „Everything she wants“.

-Иако насловот наведува на тоа, песната воопшто не е во празничен дух и зборува за неуспешна љубовна врска, која се завршува на 26 декември. Мајкл ја напишал во својата детска соба. Во 1984 година, при посета на неговите родители, одеднаш станал од масата и се затворил во својата стара детска соба. Токму таму е создаден текстот и мелодијата која подоцна ќе стане неверојатен светски хит.

-Спотот e објавен во 1986 година, а тоа е „Последниот Божиќ“ кога Џорџ Мајкл нема брада. Во спотот за песната „Everything She Wants“ ќе има брада и тој изглед ќе го задржи до крајотн а кариерата.

-Иако е комплетно негово дело, Џорџ Мајкл е обвинет за плагијат. Авторите на песната „Can't Smile Without You“ и продукцијата „Дик Џејмс Мјузик“ го тужеа музичарот дека им ја украл мелодијата. Но, до пресуда не ни дојде, бидејќи случајот беше распуштен.

 

-Во 2017 година излезе веста дека се снима филм инспириран до песната и дека ќе го носи истиот наслов  - „Last Christmas“. Во главната улога е Ема Томпсон, а на концептот за филмот работел и Џорџ Мајкл и тоа се' непосредно до смртта.  Освен оваа, во филмот можат да се слушнат и други песни од музичарот, од кои дел се, тогаш необјавени материјали од легендарниот музичар кој почина точно на Божиќ (католички) - 25 декември во 2016 година.

 

 

Објавено:
17 ноември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
116 пати