Интервју Милан Васиќ: Она што е модерно, не секогаш е убаво

22 октомври 2014

collage1

Дел од македонската публика го запозна благодарение на сериите „Грех њене мајке“, „Јесен стиже дуњо моја“, но поголемиот дел, особено оној помладиот, го знае по претставата „Певај брате“, која имаше одличен прием и во Македонија.Насмеан, расположен, младиот актер Милан Васиќ ја прифати нашата покана, поблиску да се запознае со нашите читатели. Во продолжение на Fashionel, за сите вас што го сакате и за сите што прв пат ќе се запознате со него, Милан  говори за професијата, модата и љубовта кон Македонија.

Благодарение  на популарноста на претставата „Певај брате“, го прошетавте цел свет, па од Ваша призма, зошто оваа претстава доживеа така голем успех? Поради што Вие, Андрија Милошевиќ и Милан Калиниќ сте така добар спој?

-Успехот е дефинитивно благодарение на нашата позитивна енергија... но и многу други работи едноставно се поклопија - екипата, текстот, продуцентот, времето кога работевме на тоа и се' заедно што оди со подготовката. Од големо значење е што меѓу нас не постои љубомора и суета. Обожававме да играме низ Македонија. Вие сте најгостопримливиот народ во поранешна Југолсавија. Јас ве обожавам.

Милан со колегите Андрија и Милан - фотосесија од серијата „Певај брате“, направена по претставата

Вашиот најнов професионален предизвик е улогата на Мане во новото остваруање за Зона Замфирова - „Врати се Зоне“. Чувствувате ли одговорност, можеби и трема со оглед на тоа дека првото остварување на Здравко Шотра доживеа голем успех, како и толкувањето на Мане од страна на Војин Ќетоковиќ?

-Одговорност кај мене има за секоја улога што ќе ја добијам и подготвувам. Сакам и јас да го гледам првиот дел на „Зона Замфирова“, но не чувствувам никаков страв или трема поради тоа што тој беше успешен. Воопшто не размислувам така. Ликот на Мане како за мене да е пишуван. Јас потекнувам од Косово, па таа улога ми е многу блиска. Ќе се потудам да го дадам најдоброто од мене, затоа што долго време посакував ваква улога.

фотографија од филмот „Зоне, врати се“, каде Милан го толкува ликот на Мане

Кариерата ја градевте постепено, oдејќи само во нагорна линија. Што Ве издвои од останатите? Што Ви помогна најмногу?

-Нема правила за успех во овој свет и во мојата професија. Мислам дека со голем труд дојдов до успехот, но најпотребна е среќата, која ја имав. Многу таленти никогаш не добиваат шанса да се докажат. Затоа, среќата е и повеќе од потребна. А, она што можеби ме издвојува од другите е тоа што се трудам да останам на земја и покрај тоа што популарноста расте. Го почитувам моето семејство, своите вистински другари и сакам да живеам обичен живот. Не сакам да изигрувам ѕвезда, како многумина од мојата професија и на естрадата!

Не криете дека ја сакате Македонија. Често кога гостувате некаде ги пеете и песните на Тоше Проески. Од каде таа љубов кон Македонија? 

-Па, по изворните песни кои се многу слични на моите, косовски. Етно музиката ја обожавам. И народот во Македонија е прекрасен. А, од друга страна пак, бидејќи мојата љубов кон Тоше е огромна, тогаш е јасно дека преку него и неговиот ангелски глас, уште повеќе ја засакав Македонија.

Родени сте на Косово, подолго време живеете во Врање, а ете ја сакате и Македонија. Велат - „Што јужније, то тужније“. Според Вас, има ли вистина во тоа?

-Ма, тоа „тропаат“ глупости оние што никогаш не биле на Југ. Јас мислам дека е спротивно од тоа - што појужно, тоа повесело.

Освен што имате талент за глума, во што публиката веќе се увери, имате ли уште некој скриен талент?

-Првин се занимавав со спорт, фудбал и ракомет. Луѓето велат дека се' уште сум добар фудбалер (смеа). Играм и тенис, на времето одев и во играорна, бев играорец, ете пеам итн.

Во неговата околина се' уште го сметаат за добар фудбалер

Со оглед дека сме моден портал, нашите читателки ќе ги интересира и колку ја следите модата и модните случувања? Што мислите за модата?

-Не сум некој тип што следи што се случува на модната писта. Сакам убаво да се облекувам, но во она што мене ми се допаѓа.Не патам од тоа парчињата да ми се брендирани. Сакам да го носам она што ми стои убаво. Многумина купуваат само брендирана облека, но не знаат да ја носат.

Како актер, често сте во можност да менувате облека, односно костими. Дали е тоа забавниот или досадниот дел од професијата за Вас?

-Тоа е најубавиот дел. Костимот многу помага во создавањето на новите улоги. Актерите се секогаш радосни кога ќе дојде време за костимот.

сцена од претставата „Певај брате 2“

Како го опишувате Вашиот стил?

-Па да речеме дека е спортска елеганција... Опуштен стил.

Може да се забележи дека често носите прстени на рацете. Дали е тоа Вашиот омилен моден додаток?

-Порано многу сакав да носам сребрени прстени. Во последно време ретко ги носам, но и понатаму сакам кога во претставата или филмот имам прстени.

Сакате ли шопинг? На што најмногу трошите пари и што Ви е најважно кога купувате облека или обувки?

-Не сакам да одам во шопнг, но кога одам, тогаш купувам работи што на прв поглед ќе ми се допаднат. Никогаш не знам што ќе купам.

rsz_milan_vasic_2 неговиот стил го опишува како спортско-елегантен

Имате две сестри.. Колку тие влијаеја на Вашиот стил? Ви даваат ли често совети или можеби и Вие нив ги советувате?

-Знате како, двете сестри одлично се облекуваат, имаат добар вкус. Но, јас некако најчесто се консултирам со помладата. Што и да видам, јас го фотографирам и' го праќам и потоа го купувам, ако таа каже дека е добро. Таа најчесто ми е стилист (се смее).

Зошто е добро да се биде Милан Васиќ?

-Затоа што би имале одлично семејство, би биле често весели и насмеани.

Која е најголемата среќа, а кое најголемото разочарување што сте го доживеале?

-Најголемата среќа ми се трите внуци - Марија, Борис и Видан. А разочарувањата не ме интересираат.

Кој е најдобриот совет што сте го добиле или дале?

-Тоа е една реченица што ја слушнав од мојот покоен другар: „Живеј како секој ден да ти е последен и еден ден ќе бидеш во право“.

Животот е...?

-Многу убав!

Колку го познавате македонскиот јазик? Што е првото што го научивте?

-Ве бакнувам сите (се смее). Знам многу песни на македонски...

Какви се вашите планови, кога можеме повторно да Ве очекуваме кај нас?

-Па моите идни планови се да бидам здрав, а се' друго ќе си дојде. За крај би сакал да и' порачам на вашата публика да ве чита и понатаму, да ја следи модата, но не и да се облекува „модерно“ по секоја цена. Не е убаво, се' што е модерно. Ве бакнувам сите!

Објавено:
22 октомври 2014
Категорија: 
Култура