Исидора Бјелица: Се извинувам, многу се извинувам...

6 август 2020

Балканската јавност вчера ја потресе веста за смртта на познатата авторка Исидора Бјелица. Познато е дека таа долги години се лечеше од канцер, јавно споделуваше за (речиси) сè низ што поминува, а токму поради тоа што не ги „завиткуваше“ работите во украсен целофан, туку ги кажуваше такви какви што се, низ своите книги, на социјалните мрежи, во медиумите, публиката ја сакаше.

Имаше несекојдневна, авангардна појава, чиј стајлинг дури и во најтешките денови секогаш подразбираше впечатлива шапка и кармин. Достоинствено и со стил.

Лавица која се бореше со сè што животот носи и чиј глас секакогаш се слушаше, пред крајот стана тивка, но она што го остави зад себе во форма на пораки, мисли, книги, кои некому се бегство, некому утеха, ќе бидат ехото кое ќе одѕвонува уште долго.

Во нејзина чест денеска ве потсетуваме токму на некои од нејзините мисли, писма, цитати...

Се извинувам, многу се извинувам

Требаше да умрам во пролет 2013 година, само благодарение на мојата пријателка, Др. Душица Матовиќ, ми открија канцер на левиот јајник со големина од 10 см, кој веќе метастазирал. Лоша прогноза од шест до осум месеци живот. Јас издржав цели четири години. Да не помислите погрешно, ова го пишувам од очај, а не за да се пофалам, ако така си помислевте. Напротив, жалам од дното на душата што и покрај сè издржав толку.

Да починев на време, немаше да дознаам за многуте предавства, ќе бев жалена од срце од сите кои тврдеа дека ми се пријатели, а ги имаше навистина, навистина многу... Немаше да ги поминам сите тешки терапии и уште потешки предавства, измами и лаги, не ќе доживеев да ме обвинат дури и дека сум ја измислила болеста или што сè не веќе, на децата ќе им беше тешко, но барем немаше да го распродадам сиот имот за малку да го продолжам животот и немаше да растат несреќни по болници и да ме гледаат во ужасно издание каде се губи секоe човечко достоинство.

Да си умрев на време, немаше да доживеам да им нанесувам толку болка на најмилите и да гледам како ракот не ме јаде само мене, туку и сè добро што имавме во животот... А ракот баш има апетит, ги јаде како луд сета романтика, хумор, веселост, пари, сеќавања, надеж. А сее страв, беда и патетика. Сè на што и да наиде го јаде и кога ќе поживееш предолго не ти останува баш ништо...

Да не се борев за живот толку, ќе останеше макар илузијата за мојот живот, вака кога сите илузии ќе ги покопате пред себе, малку останува да се покопа... Да не се борев како лавица, да си умрев на време, со стил во раните 40-ти, не само што ќе одбегнев 30 хемотерапии, туку и никогаш немаше да знам како е да се јадат кубански бубачки и да се пие чај од олеандер, како што немаше ниту да ја поминам агонијата со триста крајно опскурни и луди алтренативни методи кои ги пробав и кои никој нормален не би ги пробал...

Да не се борев како луда, немаше да доживеам да им пречам на сите кои ги сакав и никогаш немаше да сфатам колку сум проклето сама, ниту ќе дознаев како е тоа кога оние кои ве сакале чекаат да си заминете, бидејќи веќе не можат да издржат да гледаат како секој ден болеста ја има сè повеќе, а вас сè помалку“. Да, да не се борев толку и да не поднесував сè храбро и достоинствено, ќе заминев како многу посакана и многу почитувана и посреќна и синоним за моето име немаше да биде болеста.

Да, верував дека храброст е да се бориш за уште еден ден живот, денес знам дека е поголема храброст да заминеш на време. Затоа, им се извинувам на сите, семејството, пријателите, читателите, на кои со своето крајно невкусно и предолго преживување, како и со недоличното однесување за болен од канцер, им предизвикав дополнителна болка, непријатност и маки.

Се извинувам и на себеси, бидејќи сето ова не ми требаше, а да се умре мора секако. Ве преколнувам, не замерувајте ми што бев толку глупава. Една од работите, меѓу другото, што ги спознаваш кога живееш подолго отколку што требало е колку си бескрајно глупав и колку човековиот ум е преценета категорија“

писмо на Исидора Бјелица од 2017 година

„Сите мислевме дека заслужуваме подобро, повеќе, посилно, понежно... А сè што ни се случуваше беше огледало на нашата душа, грев и тврдо срце... Моето несовршенство ги создаваше сите тие емотивни дупки и незадоволства. Да беше мојата љубов совршена, никогаш не ќе бев несреќна“.

„Луѓето не сфаќаат дека секој ден е борба, борба за добри мисли, борба за чиста душа, борба за уште едно чувство на среќа, радост, мир, борба за средба со добра душа... Борба за уште еден ден радост и покрај сето она што ќе нè снајде... “

„Вербата и уверувањето можат да поместат планини, но можат и да ве убијат“.

„Една од првите работи кои морав да ги менувам е да не ги осудувам другите луѓе“

Цитати од книгата „Спас"


„Сенека згрешил кога рекол дека целиот човеков живот е само пат кон смртта. Не, целиот живот е пат кон сопственото срце.“

„Љубовта беше секаде, само што ние не можевме секогаш да ја видиме, бидејќи бевме слепи, полни со предрасуди, затоа што веруваме дека скромните луѓе скромно се облекуваат, затоа што веруваме дека моралните луѓе не пцујат, затоа што сме сигурни дека молчеливите се паметни, затоа што „паѓаме“ на првата појава и слика...

Цитати од книгата „Сама“

 

фото извор: facebook.com/isidorabjelicapajkic;

Објавено:
6 август 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
7.599 пати