Во просториите на Младинскиот културен центар вчеравечер беше отворена изложбата со мото „Инклузија, не ексклузија“ во рамки на 12.Скопје постер фестивал. 

На изложбата можевме да видиме плакати од 50 студенти по графички дизајн од цела Европа со исклучителна порака на споменатата тема, со што уште еднаш се докажа креативноста на младите луѓе и начинот на кој тие размислуваат за лицата од социјалната маргина.

Жирито во состав Стефан Бунди(ШВА), Костадин Танчев – Динка (МКД), жири членови од земјава и од дипломатското претставништво на Швајцарија ги избра победниците: Денис Несмејанов (РУС),  Еце Батур (ТУР), Едуардо Рибеиро (ПОР), Лука Прстојевиќ (СРБ), Стефан Симоновски (МКД), Теодора Младеновска (МКД), Клаудиа Заблоцка (ПОЛ) и Џина Парк (ПОЛ). 

Во рамки на изложбата имаше дел каде беа прикажани дела на дечињата од Посебното основно училиште „Иднина“, кои цртаа со искористување на различни техники, а со цел подигање на свеста за нивната рамноправна улога во општеството. 

За време на изложбата, делата беа понудени на продажба во хуманитарни цели, а донаторите можеа и да се сретнат со авторите.  

Изложбата, дел од проектот „Инклузија, на ексклузија“, организиран со поддршка од Амбасадата на Швајцарија ќе биде отворена за посетителите до 24 јуни 2019 година. 

Објавено:
19 јуни 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
205 пати