Со Ивана Чолаковска и нејзиниот авантуристички дух имавте можност да се запознаете и преку нашиот медиум, а и преку социјалните мрежи.
Оваа 31-годишна девојка и нејзиниот сопруг ја пропатуваа 50-тата земја и патот продолжува. По тој повод Ивана со нас сподели дел од своите впечатоци:
-Без да планираме и без да имаме идеја до каде може да стасаме, денеска ја поминавме 50-тата граница. Дури и самата јас кога ќе ја погледнам исцртаната линија на мапата на светот ми изгледа дека е невозможно да е вистина, меѓутоа да! Тоа е патот што до сега го извозевме со еден единствен мотор, двајца патници, за време од речиси четири години. Пат околу свет. Мислејќи само да уживаме во животот ден за ден, патување кое започна со мал чекор, со плиток џеб и без речиси воопшто искуство за мотор стаса многу далеку – вели Чолаковска.
Таа додава дека ова патување не завршува тука и им порачува на младите луѓе во Македонија да го следат својот сон и да се борат за негово остварување.
-Ни останува уште многу да видиме пред да се вратиме дома. Не верувајте доколку некој ви каже дека е невозможно. Некој пат патот до остварување е многу тежок, но вреди – порачува Ивана.
Патот околу светот со мотор започна во април 2013 година и досега се поминати 140.000 км, а како велат, таа бројка уште ќе се зголемува.
Нивната авантура можете да ја следите и преку Фејсбук и Инстаграм профилот.