Изложбата „Furnitureismus“ на Тања Добровоцки пред домашната публика

9 декември 2014

Македонската креативна архитектка Тања Добровоцки овој четврток ќе ја отвори самостојната изложба во „MAD kitchen & Bar“ во Дебар Маало насловена како „Furnitureismus“.

Официјалниот старт на изложбата ќе го означи Дарко Лешоски како специјален гостин, а истата ќе трае сѐ до 17 – ти месецов.

„Целта на „Furnitureismus“ е да се донесе Берлин и кај нас. Односно, сѐ што беше презентирано во „Прима Центарот Берлин“ на „Postwalterismus“ изложбата, да им се претстави и на домашните љубители на архитектурата и дизајнот. Значењето на секое учество и соработка надвор од нашата држава е многу поголемо доколку се сподели со лицата кои го исполнуваат моето секојдневие. Моето дејствување и создавање како дизајнер и архитект е во Македонија, така што сметам дека за интернационалните проекти на „LifeStyleFactory“, луѓето од тука не треба да се информираат само од медиуми. Токму и затоа се прави оваа изложба, за да може секој да дојде и да ги види моите дизајни, бидејќи пред сѐ истите се создадени за нив и инспирацијата е добиена од ова тло“, вели Добровоцки.

Сите оние кои ќе имаат можност да ја погледнат изложбата, покрај видеото, 18 - те предмети во форма на макети и чиниите со карактеристични македонски етно мотиви кои беа претставени на „Postwalterismus“ изложбата, ќе можат да видат и неколку други предмети кои ќе бидат поставени специјално за оваа изложба.

Секој од посетителите, ќе има можност да добие и идејно решение за парче мебел дизајнирано според нивниот карактер и желби.

Објавено:
9 декември 2014
Категорија: 
Култура