Јубилеен 50-ти „Тиквешки гроздобер“ во Кавадарци

22 август 2014

Од 5-ти  до 7- ми септември, градот Кавадарци ќе биде домаќин на годинашното издание на најзначајната стопанско туристичката манифестација, „Тиквешки гроздобер“ која оваа 2014-та година одбележува јубилеј од 50 години од првото издание.  Најзначајната стопанско-културно-туристичка манифестација Кавадарчани ќе го одбележат во ритамот на музиката на музички ѕвезди од земјава, но и од регионот. На сцената на градскиот плоштад годинава ќе настапат Желјко Јоксимовиќ, Дадо Топиќ, Влатко Стефановски, Андријана Јаневска, ЕКВ Трибјут бенд, Тони Михајловски и Скандал Састав, Тајзи и Слаткаристика.


Согласно предвиденото, првата гроздоберска вечер ќе ја одбележат настапите на Тони Михајловски и Скандал Састав, потоа ЕКВ Трибјут бенд во чиј состав е и славниот српски актер Срѓан Тодоровиќ, единствениот преживеан член на ЕКВ, а музичката програма ќе заврши со концертниот настап на Влатко Стефановски и Андријана Јаневска. Централното славје на Тиквешкиот гроздобер ќе се случи во сабота, кога веднаш по завршувањето на Винскиот карневал ќе започне концертот на балканската мегаѕвезда Желјко Јоксимовиќ.


Богата е музичката програма и за третиот ден од гроздоберот, од чија агенда стојат имињата на легендарниот Дадо Топиќ  и македонските рапери Тајзи и Слаткаристика. Покрај музичките ѕвезди од земјава и странство, се очекува на гроздоберот да настапат и локални музичари и музички групи. Инаку, секој месец септември град Кавадарци токму поради оваа традиционална манифестација го посетуваат неколку илјади туристи како од земјата така и од странство. Доколку сакате добра забава и квалитетно вино и ракија дефинитивно не го пропуштајте „Тиквешкиот гроздобер“.

Објавено:
22 август 2014
Категорија: 
Култура