Јубилејниот концерт на Дино Имери - славење на уметноста

13 декември 2018

Во големата сала на Македонската филхармонија завчера младиот пијанист Дино Имери одржа концерт, со кој заокружи 10 години творештво и работа. Воедно, тоа беа два часа посветени на уметноста и уживањето во неа.

Местото од кое го следев концертот ми овозможија, помеѓу другото, да го гледам пијанистот токму во прстите на рацете. Тој ги движи рацете по дирките како да лебдат, имате впечаток како воопшто да не ги ни допира, а од нив излегува прекрасна музика. Излегува магија.

А токму за магијата при музицирањето зборувавме и во интервјуто непосредно пред концертот. „Секој од гостите утре има свој звук и кога нашите звуци ќе се спојат, ќе настане магија“, изјави тогаш и така и се случи.

Со секој од нив на сцената се случи магија која публиката ја препозна и ја одобри со громогласни аплаузи - со Биљана Јосифов, Благој Нацевски, Бојан Илкоски, Инес Неделковска, Камерниот оркестар на Македонска музичка младина и Дијана Имери Илкоска, Ади Имери - посебно емотивен настап на двајцата браќа, дуото флејти – Марија Јакимовска и Богдана Бушевска, со Влатко Стефановски...

Концертот на Дино Имери беше прекрасно уживање не само поради убавата музика што ја слушате, туку и поради тоа што сведочите на тоа дека во Македонија сепак може да се остане приземјен, може да се биде успешен, може да се биде нормален, може да се прослави ваков јубилеј, може да се поддржи млад талент, може и да се настапи со големи ѕвезди, може да сте во рангот на истите иако сте помлади... И тоа ви буди чувство на надеж, гордост и радост.

А кога уште ќе посведочите на страста со која го работи сето тоа, ви доаѓа да извикате „Браво“, што и се случи повеќепати во текот на концертот.

Громогласниот аплауз на крајот за изведбата на „Пајдушко“, но во сосема нов аранжман напишан од страна на Дамир Имери, го врати Дино на бис, каде уште повеќе дојде до израз жарта со која се внесува во она што го работи.

Дино не се штедеше, а ниту публиката.

И ако се водиме по тоа дека успехот на концертот се мери по лицата на присутните по завршувањето, тогаш аплаузите, насмевките и доброто расположение се потврдата што публиката ја даде.

Десет години се убав јубилеј, но се секако само почеток, темел на она што допрва следи од младиот Имери и како човек и како музичар, а се надеваме дека ќе имаме можност да посведочиме и за наредните негови блескави моменти.

 

 

Објавено:
13 декември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
323 пати