Како јадењето чоколадо во празничната сезона може да ви донесе „Златен билет“?

21 декември 2020

Во пресрет на Новогодишните празници, Музејот на современата уметност - Скопје и фабриката за чоколади – АД Европа Скопје имаат заедничка мисија да ги инспирираат и задоволат сите трагачи по убавото.

Од денеска, 21 декември во сите поголеми маркети низ земјава, во најновото премиум чоколадо „1882“ произведено во фабриката со најдолга традиција на Балканот скриени се 100 „Златни влезници“.

Само 100 среќни добитници, кои ќе ја пронајдат „Златната влезница“ во чоколадото „1882“ ќе имаат бесплатен влез за сите претстојни изложби во Музејот на современата уметност – Скопје, во текот на цела 2021 година.

Годинава, која полека се заокружува, е и година во која Музејот на современата уметност Скопје го одбележа својот 50 годишен јубилеј од постоењето на објектот.

 И покрај пандемијата, МСУ преку атрактивни меѓународни и домашни поставки, онлајн предавања на исклучителни професори од светски респектибилни универзитети, интерактивни видеа, едукативни програми за ученици и студенти, филмски онлајн програми... му даде значење на својот јубилеј.

Пред 50 години, по катастрофалниот земјотрес во 1963та година, беше изграден објектот на МСУ како донација на полската влада во знак на солидарност, а светски познатите уметници како Пикасо, Калдер, Хартунг, Сулаж, Масон, Вазарели, Бури, Кристо, Хокни, Џонс... донираа свои дела, кои и денес се најголемото богатство во колекцијата на музејот.

Лоциран на највисоката точка од центарот на градот, чија убавина се гледа од сите страни на Скопје, МСУ, денес, не е само потсетник на светската солидарност, туку простор, кој успеа да мобилизира различни генерации, познавачи на уметноста и убавото.

Среќните добитници на „Златната влезница“ добиваат пакет задоволства - „две во едно“, чоколадно задоволство и уживање на убавото во уметноста.

 

 

Објавено:
21 декември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
238 пати