Како правилно да користиме клима уред?

20 јуни 2019

Факт е дека во летниот период речиси и да не постои човек што може да функционира без клима. Но и покрај тоа што нè ладат и ни овозможуваат пријатна атмосфера во затворените простории, сепак знаат да наштетат на здравјето.

Неретко ќе слушнеме како некој се жали дека има вкочување предизвикано од клима уредот, или дека премногу кива, има главоболки, воспалени синуси...

За да се одбегнат ваквите непријатни искуства, постојат неколку основни правила кон кои е секогаш добро да се придржуваме, а на кои ве потсетуваме во продолжение:

 

Внатрешна v.s надворешна температура

Ова е еден од најчестите проблеми. Разликата помеѓу внатрешната и надворешна температура не смее да биде прeголема, поточно не смее да биде поголема од седум до десет степени. Во спротивно, организмот не може да се прилагоди на промените, особено не за краток временски период и доаѓа до „шок“ кој негативно влијае на здравјето. Исто така, долготрајното изложување на клима влијае и на работата на метаболизмот. Циркулацијата е забавена, како и сите активности во мускулите, нервите, крвните садови.


Кога да се пали климата?

Најздрав престој во просторија која има клима е кога просторијата првин ќе се излади, а климата потоа ќе се изгаси. Кога ќе треба да излезете на надворешна температура, на организмот треба да му се дозволи неколку минути да се привикне без клима, затоа пред да излезете од работното место или од дома, изгасете ја барем 5 минути претходно. Кај најмалите долгиот престој под клима може да предизвика воспаление на увото.

 

Чистење на климата

Секако дека одржувањето и чистењето на климата е исклучително важно. Филтерот низ кој поминува студениот воздух треба да биде чист и да се чисти минимум еднаш годишно, затоа што влажната и нечиста подлога е идеална за развивање на штетни миркоорганизми, кои можат да предизвикаат и воспаление на белите дробови. Препорачливо е и да направите дезинфекција со соодветно средство, посебно во летната сезона.

 

Директно дување на климата

Клима уредот никогаш не треба да дува директно во вас. Исто така, климата треба да ја поставите така што нема да пречи на циркулирањето на воздухот. На правилната работа на вентилот може да пречи и мебелот во кој климата дува, па доколку е потребно, направете нов распоред на мебелот за оптимална работа на клима уредот.

 

Протек на топол воздух

Внимавајте на тоа колку топол воздух влегува низ прозорците во текот на денот, за поекономично да ја трошите струјата. Зошто е тоа важно? Затоа што климата сè уште се „бори“ против топлиот воздух и ќе работи посилно, а со тоа ќе троши и повеќе струја. Во зависност од тоа колку е силно сонцето, отворајте ги и затворајте прозорците, за да не влегува премногу топол воздух во просторијата. На тој начин ќе ѝ олесните и на климата и ќе ѝ го продолжите рокот на траeње, а и ќе ја намалите потрошувачката на струја.

 

Објавено:
20 јуни 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
232 пати