Какви подароци добива кралицата Елизабета?

14 јануари 2016

На тие што одат во посета кај британската кралица Елизабета Втора, воопшто не им е лесно да одберат подарок. Што да ѝ донесат на жената која има сè...

Бакингемската палата ја објави листата на подароците што таа ги добила во изминатата година од светските лидери и личности на функција, а некои подароци никогаш не би ви паднале на ум.

Покрај стандардните, што вклучуваат накит и украсни предмети има и необични, како на пример путер со мед од домашно производство. Ова кралицата го доби од првата дама на Америка.

Како пренесуваат од Бакингемската палата, Мишел Обама во текот на посетата на Британија минатото лето ѝ подарила на кралицата кошница со чај од врбовка, украсна свеќа, две тегли мед и тегла со путер со мед, од градината во Белата  куќа. Исто така, госпоѓата Обама ѝ подарила на кралицата и сребрена вазна од „Tiffany & Co“.

Германскиот претседател Јоаким Гаук за време на неговата посета во Британија пак, се одлучил да ѝ подари фигура од марципан.

Гувернерот на британските Девствени острови ѝ подарил на Елизабета Втора „вреќичка сол“, додека кинескиот претседател Си Џипинг со себе земал каталог на поштенски марки, дрвени резби во облик на праска и две ЦД-а со народни песни во изведба на неговата сопруга, позната кинеска пејачка.

Принцот Чарлс минатата година од официјалните посети на подарок добил мноштво играчки, опрема за бебиња и детски чевли, наменети секако за неговите внуци, принцот Џорџ и принцезата Шарлот.

За да се направи и објави ваква листа, сите официјални подароци за кралското семејство грижливо се евидентираат секоја година.

Правилото е дека кралицата и нејзиното семејство подароците можат да ги дадат во добротворни цели, да ги изложат во својата резиденција или пак да ги чуваат во посебни складишта. Оние што се јадат можат и да ги изедат. Подароците не смеат да се продаваат ниту пак да бидат предмет на размена.

Објавено:
14 јануари 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.745 пати