КЦ 750: Приказна за едно фиќо што кога ќе порасне сака да стане Културен центар

21 август 2019

Секогаш сме среќни кога можеме да посведочиме и пренесеме за нешто ново и уникатно што се случува во нашиот град, а вчерашниот настан „КЦ 750: Турни ме да кинисам“ дефинитивно се вклопува во описот.

дизајн студио „Кома“

Инаку, пред да преминеме на тоа што се случуваше вчера, да ве запознаеме:  „КЦ 750“ е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Или во нивна интерпретација: „ова е приказна за едно „Фиќо“ кое, кога ќе порасне, сака да стане културен центар :)“.

-Сакаме да поттикнуваме нови модели на искористување на јавниот простор, кој не се користи за културни намени, да се искористи токму на таков начин. Во светот постојат проекти на т.н. „Уметност на тркала“, но не така често кај нас, па се надеваме дека преку мобилниот концепт, „КЦ 750“ ќе се обиде на неконвенционален начин не само да го надополни недостигот на независни културни простори и точки, туку и да понуди децентрализирачки концепт на ширење на културата - ни објаснува Иван Шопов, автор и еден од носителите на проектот.

Во рамки на истиот ќе се одржат повеќе мали изложби, работилници, читања, промоции на книги и слично, а за сега ќе се одвива на територија на Скопје.

-Проектот е поддржан од Министерството за култура, но со оглед на тоа дека ова ни е прва година, а голем дел од средствата се наменија за „дотерување“ на фиќото, познато како табиетлија меѓу автомобилите :), нашите можности за реализација годинава ќе бидат сконцентрирани на Скопје. Сепак, идејата е да се рашириме и на територија на Македонија, па дури и во регионот, ова убаво „Фиќо“ да го видат што повеќе луѓе - потенцира Шопов.

На прашањето, зошто токму „Фиќо“, а не старо „Рено“, или „Сто-кец“, Иван ќе рече:

-Со Владимир Лукаш веќе долго време нè обзеде „фиќоманија“, така што немаше дилема во изборот на автомобил. Лично, израснат сум во „Фиќо“, татко ми на времето возеше и многу спомени ме врзуваат токму за овој автомобил, ми одбележа убави години.

А на збирката спомени ќе се приклучи и вчерашниот настан, за кој ќе рече дека помина позитивно „откачено“.

„Културниот центар 750“ го турнаа да киниса „Астални проекции“, а со тоа и Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Николина Андова Шопова, Милена Илиќ, Васко Марковски, Ива Дамјановски, Ѓорѓи Крстевски, и секако Иван Шопов и Владимир Лукаш, кои читаа поезија, но и голем број поддржувачи, пријатели и вљубеници во културата, а и маслинестото „Фиќо“, кое го красеше дворот на МКЦ.

Посебно интересни беа приказните на Ѕвездан Георгиевски. Како поранешен сопственик на „Застава 750“, во рубриката „Слушај паталец“ зборуваше за фиќото како кутлурен феномен. Воедно, со присутните сподели и неколку зборови за микро-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од „Застава 750“ од Иван Шопов.

Настанот беше заокружен со „Фиќести трубадури“, каде вокално-инструменталната банда во состав Ана Голејшка Џикова, Васко Марковски, Дејан Шкартов, Круме Стефановски, Душан Кировски и Владимир Лукаш, се погрижи за расположението на присутните да биде на највисоко ниво :).

Современ концепт, испреплетен со емоции и сведоштва за минати, но се надеваме и идни времиња.

„КЦ 750 киниса“, а првата станица ќе биде Автокоманда. Од први до петти септември (01.09-05.09.2019) фиќото ќе биде достапно за погледи и дружење, а во тој период ќе бидат изложени и цртежи на Владимир Лукаш во микро формат. 

Доколку сте љубители на културата, на креативност и уметност, или едноставно сте љубопитни или немате што да правите, штом го видите ова шарматно „Фиќо“, тркнете да видите што интересно има. Подетални информации за овој и сите наредни настани на „КЦ 750“ ќе бидат објавени ТУКА.

А ние на ќе му посакаме среќа, успех, долговечност, да се полни од уметност, и да помине што повеќе километри. 

 

фото: Ѓорѓе Јовановиќ; 

Објавено:
21 август 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.031 пати