Книжарницата „Литература.мк“ од интернет се сели на улицата „Македонија“

17 октомври 2016

Изминатава сабота, во строгиот центар на Скопје, на најфреквентната пешачка артерија, во одлична амосфера, се отвори ново место што ги обединува сите фини нешта. Станува збор за нова, ексклузивна книжарница „Литература.мк“, која од интернет сега се сели на улицата „Македонија“, бр. 21 (спроти спомен-куќата на Мајка Тереза), што веруваме ќе ги израдува многумина што уживаат во светот на книгите.

„Литература.мк“ постои на интернет веќе пет години, а сега ја отвори и својата прва „физичка“ продавница. Во простор од 80 m2, со врвно ентериерно уредување, книжарницата „Литература.мк“ ќе ги донесе светските книжарски трендови во Скопје и изданијата на најголемите домашни издавачки куќи, задоволувајќи го вкусот и на најпребирливите вљубеници во книгата.

Како веќе препознатливо место за страсните љубители на книгата, вљубеници во пишаниот збор и талкачи низ бескрајниот литературен простор, „Литература.мк“ ќе понуди богата програма, разни случувања и содржини секој ден, наменети за сите возрасти и за сите вкусови: литературни и музички дружења, гостувања на домашни и на странски автори, креативни средби и едукативни работилници за најмалите читатели итн.

-Нашата визија беше книжарница каква што вистински ѝ прилега на улицата „Македонија“, „најважната улица“ во Скопје што отсекогаш била симбол за престиж. Улицата „Македонија“ е колепката на македонското граѓанство и отсекогаш била средиштето на напредокот и на новата мисла, центар на интелектуалниот, трговскиот, па и на ноќниот живот на градот - вели Дарко Фиданоски, еден од сопствениците на книжарницата „Литература.мк“.

-Сакаме „Литература.мк“ да го врати тој сјај и живот на улицата „Македонија“, да биде сврталиште на љубителите на книгата, на случајните минувачи, на уметниците, бизнисмените, на студентите, пензионерите, на намерниците кои тргнале во саботен шопинг, на љубителите на добро кафе и добра музика - додава Фиданоски.

Во продолжение погледнете дел од амосферата:

Објавено:
17 октомври 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
987 пати