Која е тајната што се крие зад каталозите на Икеа?

3 септември 2014

Доколку некогаш сте си помислиле дека собите преполни со совршен мебел што ги гледаме во каталозите на Икеа, постојат во некој рајски стан или куќа некаде во светот, или пак истите се направени специјално за фотосесиите, грешите!

Веруваме дека сте свесни дека моделите што се ангажираат за сите оние беспрекорни едиторијали за различни светски модни брендови, воопшто не изгледаат исто во живо и без шминка и дека Фотошопот се користи во некои случаи и повеќе одошто треба, подеднакво ист е случајот и со каталозите на омилениот бренд за мебел - Икеа.

Неодамна, австралиската дигитална групација CGSociety откри дека околу 75 проценти од фотографиите што се објавуваат во каталозите за мебел на шведскиот бренд се компјутерски генерирани слики од кои се прават различни комбинации, пишува Хафингтон Пост.

Од брендот сѐ уште не се огласиле и воопшто не ја коментирале оваа нова информација од која голем дел од нивните обожаватели вистински се разочараа.

Но, тоа воопшто не е за разочарување, со оглед на тоа што назад во 2012 – тата година, менаџерот на фотографија во Икеа за Вол Стрит Журнал изјави дека во нивната база се генерирани огромен број на 3Д фотографии - модели што може да се искористат во нови форми за нови каталози од брендот, и дека тоа е апсолутно паметен начин на штедење пари.

„На тој начин заштедуваме многу, а и не мора да ги фрламе парчињата мебел по фотосесиите“, изјавија од брендот тогаш.

Што велите вие, паметен начин на штедење или пак можеби извртување на реалноста за потрошувачите?

Објавено:
3 септември 2014
Категорија: 
Култура