Колегите и македонската јавност се простуваат од големиот актер Гоце Влахов

29 јули 2019

Вчера во 70-та година од животот, почина врвниот македонски актер Гоце Влахов, познат на широката публика по неговите улоги во Македонските народни приказни.

Од 1980 година до пензионирањето Влахов е дел од Македонскиот народен театар - Скопје, иако остварува бројни улоги на оваа сцена од 1972 година.

Гоце Влахов ќе остане запаметен по вештината со која го создаде секој лик карактеристичен, секогаш сигурен во играта и страста кон театарот и претставата. Таа константност на играта му обезбедува важно место, место за паметење.

Првата улога на сцената на Македонски народен театар Гоце Влахов ја остварува во 1972 година во претставата „Крал Лир", а потоа се редат и „Хелдерлин" (1973), „Сезона на шампионите" (1975) и „Славата и смртта на Хоаким Муриета" (1975). Во селективната театрографија ќе ги спомнеме и претставите „Милион маченици" (1980), „Војна и мир во Груда" (1981), „Остен", „По претставата"(1981), „Габи" (1982), Макавејските празници", „Свирач на покрив" (1983), „Воена тајна", „Погрижи се за Амелија" (1984), „Среќна нова 1949", „Рамна земја" (1985), „Тартиф", „Гуштерица" (1986), „Мрестење на краповите", „Дон Кихот" (1987), „Рави" (1989), „Галеб", „Посета на старата дама" (1990), „Зора на истокот" (1991), „МКС" (1995), „Гроф Миливој" (2001), „„Болва в уво" (2007) и последната „Троил и Кресида" (2010).
Остварува главни улоги во филмовите „Чекор пред времето" (2003) и „Андер" (2004), а игра и во филмовите „Македонски дел од пеколот" (1971), „Јад" (1975), „Оловна бригада" (1980), „Сенки" (2007) и „Мајки" (2010). Учествуваше и во снимањето на познатата телевизиска серија „Македонски приказни" (од 1986 до 2012) и во ТВ серијата „Тврдокорни".

Неговите колеги и бројни соработници, по жалната вест, јавно изразуваат сочувство до неговото семејство и најблиските, повикувајќи се на неговата големина како актер и како човек.

Посмртните останки на Гоце Влахов ќе бидат изложени во капелата на гробиштата Бутел на 30 јули (вторник), во 11 часот, а погребот ќе биде во 12 часот.
Вечна му слава!

Објавено:
29 јули 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
363 пати