Колекција Гарбо: Уникатен македонски мебел со филмски ликови!

6 март 2015

Младите и талентирани архитектки Маја Икономова и Ема Николова вчеравечер во модернистичкиот простор на кафулето Сото го прикажаа резултатот од нивната соработка преточена во неколку уникатни парчиња мебел.

На посетителите тие им понудија несекојдневно навраќање во времето на единствената Одри Хепберн како една од најголемите икони на жените ширум светот, прикажувајќи ја во едно сосема поинакво, фасцинантно светло заедно со уште неколку други филмски икони.

За нивната колекција мебел едноставно наречена Гарбо по самата актерка Грета, тие тргнале од идејата да создадат парчиња мебел инспирирани од старите вредности со нови материјали. Иако тотално поврзани, секое парче од колекцијата е уникатно и раскажува посебна приказна.

„Парчињата мебел ги правевме заедно, цртежите се на Ема, а во принцип сакавме да го поврземе старото со ново. Инспирацијата ни беа филмовите, што може да го забележите и по цртежите. Ние и претходно сме соработувале со Ема како архитекти на поголеми проекти, тоа беа неколку супер искуства и решивме конечно да направиме и нешто заедно и излезе оваа наша линија мебел“, изјави за Fashionel Маја Икономова.

Сите присутни можеа да забележат дека покрај одличните цртежи на мебелот, истиот е направен од интересен материјал.

„Конструкцијата на мебелот е од метал, завршницата е техника печатен бетон, сите цртежи се рачно цртани и заштитени со лак. Идејата е секое парче да е уникатно и секоја наредна нарачка за клиент да е посебна со специјално нацртан цртеж“, вели Икономова.

Таа додава и дека се надева дека парчињата ќе допрат до поголема група на клиенти, со оглед на тоа што можат да се вметнат како во покласичен ентериер, така и во помодерен.

Нејзината колешка и партнерка во создавањето на колекцијата Гарбо, Ема Николова посочува дека веќе имаат некои договори за соработка за тоа каде ќе бидат изложени парчињата.

„Веќе имаме некои договори за соработка, но веројатно тоа пак ќе биде во некои од продавниците за мебел што се специјализирани за тоа. Засега имаме пет парчиња мебел, а ова е само почеток на оваа соработка, секоја од нас твори посебно, но кога ќе се спојат две индивидуи архитекти секогаш излегува нешто ново и на крајот токму во тоа е убавината“, вели Николова посочувајќи дека не е исклучена можноста оваа соработка да има и второ продолжение.

Објавено:
6 март 2015
Категорија: 
Култура