Колку треба да биде тежок училишниот ранец?

31 август 2018

Со оглед на тоа дека уште неколку дена нè делат до новата учебна година, веруваме дека сите вие што имате дома ученичиња, веќе извесен период сте во подготовки.

И покрај тоа што секое дете, а и секој родител сака да го поднови своето најсакано со нова облека, тоа во овој случај е навистина споредна работа. 

Ако треба да инвестирате во нешто, тогаш тоа дефинитивно е добар и квалитетен училишен ранец. Деформитетите на грбот се честа појава кај учениците, а сè поради неправилниот начин на носење на ранецот или пак, поради тоа што тежината на истиот е многу поголема одошто би требало.

Детето смее да носи ранец што е 10% (максимум 15%) од неговата телесна тежина. Значи, дете кое на пример има до 30 килограми, не смее да носи ранец потежок од 3 до 4 килограми.

Затоа, кога купувате тетратки, нека бидат со помалку листови и со меки корици, а ако нема потреба детето нека не ги носи сите учебници, а и приборите за пишување нека бидат со основни работи и полесни. 

И пакувањето на ранецот е исто така важно. На пример, неправлно спакуваниот ранец може да влијае на рамнотежата на детето, што пак може да доведе до пад.

Како правилно да го спакувате ранецот и на тоа да го научите вашето дете?

-Прво се пакуваат поголемите и потешките книги. Тие треба да се блиску до грбот. Потоа се ставаат помалите и полесните.

-Опремата за физичко не ја ставајте во ранецот, нека ја носи во посебна ќеса или торба. Истото важи и за приборот за ликовно.

Ранецот секогаш да се носи на двете раменици, бидејќи носењето на ранец на една страна многумина го сметаат за „фраерско“, но последиците од тоа не се многу „фраерски“ - нерамномерно развиен и деформиран грб. 

 

Кога купувате ранец, гледајте да биде некој модел со меки рачки, за да „легнат“ убаво на рамениците, да не ги сечат, бидејќи во спротивно тоа може да доведе до главоболки кај ученикот. 

Објавено:
31 август 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
126 пати