Kонцерт вреден безброј аплаузи

21 март 2015

1_7

Велат, за еден уметник најголема награда е аплаузот. Ако е тоа така, тогаш домашната публика го награди Влатко Стефановски и неговите пријатели најискрено и од срце.

Камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија, саксофонистот и флејтист Васко Атанасовски и Влатко Стефановски се покажаа како одличен спој. Во два последователни концерта, тие претставија нешто што на македонската публика одамна ѝ требаше. Двајцата виртуози ни покажаа уште еднаш зошто се едни од  најпочитуваните музичари во широки рамки, а надополнети со колегите од гудачкиот оркестар, ја комплетираа оваа нивна музичка приказна.

Со нови аранжмани, овие врвни музичари свиреа познати македонски песни, ора, а присутните ја впиваа секоја мелодија, звук, нота, желни за уште.

Васко Атанасовски Васко Атанасовски

Веќе чуените песни, како да ги слушавме за првпат, воодушевувајќи се на маестралноста на сите музичари на сцената. Уште од првата изведба, одлично осмислените аранжмани, новите музички приказни, нè однесоа во друга димензија, а ние комплетно се препуштивме на уживањето.

Верувам дека музиката што тие вечерва ни ја презентираа, кај секого во публиката успеа да предизвика радост, среќа, слобода, успеа да нè потсети на некоја наша длабока тага, но истовремено и љубов, да предизвика чувство на надеж, верба...

1_5

Секоја изведба беше наградена со силен аплауз и овации. Никој не се штедеше да го покаже восхитот.

-Вие сте прекрасна публика, ви благодарам многу. Кога јас одам во Словенија или на Запад, секогаш сум пречекан беспрекорно. Затоа сум многу среќен што вечерва, пред домашната публика, можам макар малку да им го возвратам госопримството на моите пријатели од камерниот гудачки оркестар од Словенечката филхармонија и секако Васко Атанасовски. Знам дека можеби овие неколку дена бев досаден во медиумите, но намерно го сторив тоа, затоа што знаев кои луѓе настапуваат вечерва со мене и го заслужуваат секое признание и внимание – изјави Влатко пред крајот на првиот концерт.

1_2

Долгите аплаузи на публиката ги вратија музичарите повторно на сцена, а за крај уште еднаш ја слушнавме темата од филмот „Џипси Меџик“, овој пат и вокално.

И како што вели еден стих во песната, „Ех да имам, ко што немам“, верувам дека секој присутен во салата си помисли, „Ех да имаме и да можеме да си дозволиме повеќе вакви музички уживања“.

1_1

1_3

1_4

1_6

1_8

1_9

 

Објавено:
21 март 2015
Категорија: 
Култура