На само две недели пред Оскарите, во Лондон вчеравечер се случи доделувањето на BAFTA наградите каде повторно триумфираше мјузиклот „La La Land“ како најголем фаворит.

Филмот во кој главните улоги ги толкуваат Ема Стоун и Рајан Гослинг беше номиниран во вкупно 11 категории, а освои награди во пет, меѓу кои и онаа за најдобра главна актерка и за најдобар режисер за Демијан Чазел.

Меѓу фаворитите оваа година беа и „Manchester by the sea“ и „Lion“ и беа единствените филмови кои добија повеќе од една награда.

Шармантниот актер Дев Пател ја доби наградата за најдобра машка споредна улога за неговата фантастична изведба во филмот „Lion“ покрај прекрасната Никол Кидман.

„Ова е нешто неверојатно. Јас обично го гледам ова шоу со моето семејство дома, а вечерва тие се тука со мене и тоа е прекрасно чувство. Ова е филм за семејството и љубовта што поместува граници, раса, боја и сѐ друго и можам да кажам дека вие сте мојата движечка сила“, изјави Пател кога ја прими наградата.

Подеднакво одлична улога имаше и актерката Вајола Дејвис која ја победи Никол Кидман и ја освои наградата за најдобра актерка во споредна улога за филмот „Fences“ со Дензел Вашингтон.

Кејси Афлек ја освои наградата за најдобар актер во главна улога за „Manchester by the sea“, и го победи неговиот најголем „противник“ Рајан Гослинг за улогата во „La La Land“.

Изненадување вечерта беше и тоа што филмовите како „Moonlight“ и „Nocturnal Animals“ не добија ниту една награда, иако беа номинирани во повеќе категории.

На линкот погледнете ги и останатите добитници од вчерашното доделување на наградите BAFTA.

Објавено:
13 февруари 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
417 пати