„Лебедово езеро“ - приказна за потрагата по вистинска љубов

24 февруари 2020

Приказната за забранетата љубов во магична атмосфера и моќна, мелодична музика: „Лебедово езеро“, најпознатото балетско дело на сите времиња, на 28 февруари со почеток во 20 часот ќе биде изведено на сцената на Националната опера и балет.

Судбината и љубовната приказна на девојката-лебед, е оправдано онаа првата  на која што помислувате кога е во прашање класичен балет, зошто ова е најпознатото досега создадено балетско дело.  Ова е бајка за потрагата по вистинска љубов како единствен начин да се скрши магијата, што протекува низ познатата мелодија на П.И.Чајковски и уникатните сценски движења кои ја прикажуваат борбата на доброто наспроти злото, предавството и измамата.

Специфичноста на балетските движења и техники го прават „Лебедово езеро“ исклучително тежок балет за изведба, а главната улога е веројатно најпредизвикувачката женска балетска улога која изискува високи способности за артикулација, агилност, сила и особено големо внимание кога се во прашање движењата на рацете. Во оваа прилика, уникатната улога да ги претстави спротивностите на двата главни женски ликови на сцената на Националната опера и балет и припаѓа на првенката на балетот  Марија Кичевска Шокаровска, а улогата на нејзиниот љубен Зигфрид ќе ја изведе Васил Чичијашвили од Грузија.

Во главните улоги настапуваат: Одета,Одилија: Марија Кичевска Шокаровска, Принц Зигфрид: Васил Чичијашвили (Грузија), Ротбарт: Балаж Лашеи (Унгарија), Па де троа: Саша Евтимова, Игор Веланоски, Христина Наќевска

Диригент: Бисера Чадловска, Кореограф: Виктор Јаременко (Украина), Сценограф: Андреј Злобин (Украина), Костимограф: Гана Ипатиева (Украина), Концерт мајстор: Јане Бакевски, Репетитори: Горан Божинов, Олга Панго, Лора Тарчуговска и Билјана Пашариковска

Настапуваат оркестарот, солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Билетите се веќе во продажба на билетарницата на Националната опера и балет и онлајн на www.operabalet.mk

Објавено:
24 февруари 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.763 пати