Љубовен рокенрол во ноќ за паметење

14 ноември 2019

Ноќ за паметење! Серенада за Денот на Скопје! Љубовен рокенрол! – Вака звучат импресиите по вчерашниот концерт на Брајан Адамс во Скопје.

Човекот кој зрачи љубов и чија цела музичка кариера гравитира околу љубов, ни ја донесе во својата најчиста форма.

Без драматизирање и исценирани потези, сè што вчеравечер имавме привилегија да видиме на сцена беше искрена средба и размена на емоции на еден голем уметник со својата публика.

Полна сала, а имате чувство како таа средба да е интимна. Како да не сте овде и сега, како да сте во некоја сосема друга димензија прочистена од сите грижи и сето зло, и единствено што ве допира е таа безвременска музика која сплотува генерации и срца.

Погледнувате околу себе и гледате насмеани и добри луѓе. Ете толкава моќ има една таква ѕвезда како Брајан Адамс. Во еден момент и на едно место, да извлече од луѓето насмевка, добрина, убава мисла, по некоја скриена емоција... Во денешно време, не е едноставно и за потценување, да извлечете искрена насмевка од луѓето.

Ни дојде во Скопје на Денот што има голема симболика за градот, а во рамките на неговата светска турнеја „Shine A Light". И ни донесе светлина.

Публиката танцуваше и твист и танго, а тоа во живо беше проследувано на големиот видео бим на сцена, што се покажа како одлична форма на интеракција во текот на целиот концерт. Се вративме во времето на „Summer of 69", се разнежнивме на „Woman", „(Everything I do) I do it for you", „Heaven", „Straight from the heart", во еден глас пеевме на „Please forgive me", а уживавме и во песните од новиот албум „Shine a light".

Во еден момент Брајан Адамс ја потсети својата публика да ужива во шоуто во живо, а не преку камерите на своите мобилни телефони:

„Ве молам, ставете ги телефоните во џебовите и уживајте во шоуто". Претпоставувате колку на еден уметник што целосно ви се предава, му значи вашето внимание и респект?

Бесценети се ваквите ноќи како оваа - ноќ за паметење. Чинат само чиста емоција, онаква каква што Брајан Адамс нас несебично ни ја даде.

 

Објавено:
14 ноември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
759 пати
Тагови: 
Брајан Адамс