Љубовната приказна на Бата Живојиновиќ и Лула

19 мај 2016

Велимир Бата Живојиновиќ е роден на 5-ти јуни 1933 година во Кораќица, а доцна вчера ја загуби битката со долгата болест. Во текот на долгата кариера одигра преку 300 улоги, а неговите филмови ги гледале преку 10 милијарди гледачи. „Да бев убав глумец, не би заработел ниту за леб", вели во една пригода актерот, кој затоа никогаш не играл на таа карта. На Академијата за драмски уметности во Белград го одбиле два пати, а тие што работеле со него велат дека самиот Бата и работата со него е голема Академија.

Зад себе остави бројни, легендарни улоги преку кои вечно ќе живее.

Во продолжение прочитајте ја љубовната приказна на Бата и Лула, неговата единствена љубов и столб:

„Кога сè ќе се одземе и собере, во живот најважно е да се има љубов! Јулијана Душановиќ Лула и Бата се запознаваат околу 1957-1958 година.  Таа е дете. И тој самиот е дете, иако е седум години повозрасен од неа. Лула живее во куќата карши театарот. Оди на фолклор во „Лола“ и игра кошарка во „Звезда“.

Кога таа се присетува на тие денови, зборува за Бата како мангуп во црна маица, полн со себе. Сепак се одвојувал од момчињата кои таа го познавала. Ќе ѝ се јави од време на време: „Мала, шта радиш, чиме се бавиш...?“.

Љубовни искушенија...

Лула признава дека веднаш се вљубува во него.

-Првиот мој конкретен чекор беше кога ја повикав заедно да чекаме Нова година. И таа така, чека дома сама, подготвена, во нова облека што ја купила... А јас не се ни појавувам. Заспала во солзи. Кога родителите ѝ се вратиле од прославата, ја нашле на столче, цела во солзи. Ја прашале: „Па каде ти е тој дечко?“ Кутрата девојка не знаела ни што да одговори – се сеќава Бата.

После неколку дена се среќаваат повторно.

-Имавме некои наши фори. Јас, како ништо да не се случило, свиркам и најслатко што знам ѝ велам: „Кај си?“. Таа пак, дури и не многу лута, прашува: „Дали си ти нормален, зошто не дојде?“, а јас ѝ велам: „Па, не знам, не го сфатив тоа сериозно...“.

И така, ден по ден, доаѓа друга Нова година.

-Одлучувам повторно да ја повикам на дочек. Но, овој пат не наседна. Отиде со друштвото на ДИФ, а јас „извисив“. Таа ноќ, одев пет пати да ѝ ѕвонам на врата. Утрото пратив еден другар, Ѓура-Нос го викавме, да оди по неа. Седев во кафеана, веќе пијан и ѝ реков на една Циганка да игра покрај мене. Му реков на Ѓура да ѝ порача дека ако не дојде, јас лично ќе одам по неа. Дојде, и таа Нова година почнавме да се забавуваме, а потоа тоа прерасна во сериозна врска.

Тоа лето ја прави и првата белја. Мајка ѝ и очувот не се дома, и ја доверуваат на тетката да ја чува. Бата ја повикува да дојде во Скопје, кај сестра му Нада, која е мажена за Марјан Петровски, дипломат. Лула седнува на воз и доаѓа за Скопје.

-Поминавме таму три-четири дена, кога во театарот во Скопје стаса телеграм. Од таткото на Лула. Во него буквално пишуваше: „Вашиот актер, Велимир – Бата Живојиновиќ на дрзок и манипулаторски начин ја однесе мојата малолетна ќерка. Ако во рок од 24 часа таа не се врати, ќе пратам полиција“.

Петровски вели:

-Мораме да му одговориме на господинот Душановиќ.

А Лула брзо на тоа:

-Морам веднаш да се вратам во Белград!

Се исплаши. Татко ѝ ја чека на станица, но не ја прекорува. Само ѝ вели:

-Како можеше сине? Па, крај на година е, матура!

Кога на Бата му стасува поканата за војска, Лула запишува факултет. Тогаш тој одлучува:

-Ајде ние да се земеме!

 

Никогаш не се вљубив во друга...

И така, на 28-ми август 1960-тата година се венчаваат. Лула бремена, останува во куќата на мајката на Бата, а тој заминува во Високо во војска. Стана резервен офицер. Следува прекоманда. Во Задар. Во седмиот месец од бременоста, Лула со воз оди да го посети.

-Уште бев во војска кога се породи, на 31-ви јануари 1961 година. Ме чекаа да му дадам име. Реков ќе биде Миљко. Кумот беше Вељко Булајиќ. Неговиот татко се викаше Миљко. Вељко рече: „Нека биде долговечен како мојот татко“. И ден-денес Вељко редовно се јавува и само прашува за Миљко.

Четири години живеат со родителите и сестрата на Бата во двособен стан. Лула и тој имаат една соба. Таму се раѓа и Јелена.

Конечно, Градското собрание му доделува стан на Баново брдо. Во тој стан Столе Јанковиќ (режисер) има канцеларија, па им го нуди својот стан на Неимар во замена за тој.

-Одеднаш од една соба се најдовме во стан од 80 квадрати. Ми изгледаше како да сме во хотел. Лула многу време поминуваше сама. Одев од снимање на снимање. Некаде и се помири со тоа дека тоа така треба. Имаше многу љубов и толеранција за мене и семејството. Престана да игра кошарка, да танцува. А прекрасно танцуваше. Со 20-тина години, Лула сфати дека таа е глава на семејството, татко и мајка, дека таа мора да се грижи за куќата. Сè презеде на себе. Дури и сама летуваше со децата. Во сè се жртвуваше и секаде постигнуваше да биде – од снимање до читање на текстови.

За 50 години од брак, малку на шега, малку сериозно, Бата сакаше да се венча со Лула во црква. Да го собере семејството, да направи веселба. Таа да облече и венчаница. Но, не успеаја да се соберат и се откажаа.

-Тоа што сум – ѝ го должам нејзе! Да не беше таа крај мене, не би бил тоа што сум. Таа ме одржа. Сè убаво во животот дојде со неа и од нејзина страна. Таа имаше визија убавото какво да биде – да ме поштеди, да ми даде енергија, да ме храни... Никогаш не се вљубив во друга жена.

Во овие години кога разни болести го нападнаа „делијата“, верна и вредна, Лула постојано бдее над него, знаејќи го секој чекор, поглед, мимика, збор...

-За споменици има време, но оној што ќе го прави споменикот на Бата Живојиновиќ, мора да знае дека еден од неговите носечки стилбови е токму неговата Лула. Кога Бата ќе застане, таа е тука повторно да го турне во оган. Затоа Бата и толку трае – вели режисерот Бранко Балетиќ.

Таа е – лекар на неговото тело и неговата душа!“

Објавено:
19 мај 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
3.370 пати
Извор: 
blic.rs