Љубовната приказна на Клепетан и Малена: 16 години ѝ се враќа на својата сакана

19 март 2019

Клепетан повторно ѝ се врати на Малена, оваа година порано од која било друга. 

„Да, тој навистина се врати, заедно со седум други и се спуштија на блиското игралиште. Веднаш отидов да им донесам месо, а еден се издвои и застана до мене, а кога се свртив, сфатив дека тоа е Клепетан. Ме изненади, тој секогаш се враќа околу 24 – ти март, но оваа година подрани поради времето. Неговиот потомок дојде уште во четвртокот“, изјави за порталот Index.hr Стјепан Вокиќ, пензионер од Бродски Варош кој веќе долги години се грижи за штрковите Малена и Клепетан. 

Тој додава дека прекрасната Малена многу му се израдувала на нејзиниот сакан, па иако во ноќите сè уште е студено, тие ја поминале цела вечер надвор заедно.

Со оглед на тоа што станува збор за птица стара 30 години, Вокиќ се грижи дека би можело да угине во секое време, но тој се враќа секоја година и ги изненадува.

Инаку, ова е една од најубавите љубовни приказни што трае веќе 16 години, а за овие птици пишуваа голем број на медиуми и надвор од Балканот.

Приказната почнува назад во 1993 – тата година кога Стјепан ја пронашол Малена на која ѝ биле скршени крилата и не можела да лета, бидејќи била ранета, па ја земал кај него.

Неколку години подоцна, во животот на Малена се појавил и Клепетан со кого досега има повеќе од 50 малечки.

„Кога тој се појави првата година, не можев да претпоставам дека нивната љубов ќе стане толку голема и ќе трае толку долго. Иако доаѓале и други штркови, Малена секогаш го чека Клепетан“, вели Стјепан.

Секој август, тој заминува во Јужна Африка, а Малена е тажна долго време потоа и со нетрпение чека повторно да се сретнат.

„Она што сакам е само Клепетан да се враќа дома секоја година. Важно е оваа прекрасна приказна да продолжи. Никој не е посреќен од нас тројца, јас ги сакам како сопствени деца“, вели Стјепан за Vecernji.hr.

Инфо: Index.hr, Vecernji.hr

Фото: Ivica Galovic/Pixsell

Објавено:
19 март 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.044 пати