Лузер Фест повик: Земи албум, спот и настап во Европа!

8 октомври 2015

Октомври е особено плоден дел од музичката есен за тимот на Таксират ангажиран во подготовките за новото издание на Лузер Фест кој нѐ очекува на 28. ноември во МКЦ во Скопје.

„Додека сме фокусирани на собирање и преслушување на пријавените музичари за Лузер Фест, од кризниот штаб доаѓаат неколку добри вести за сите учесници на возобновениот фронт на младите музички сили“, велат од таму и потенцираат дека рокот за пријавување на конкурсот за Лузер Фест е продолжен до 15 октомври, по барање на бендовите на кои им е потребно дополнително време за да ги подготват материјалите.

Од сите пријавени до тогаш, во финалето за „Лузер Фест" влегуваат само 8 изведувачи.

„Покрај тоа, го имаме и задоволството да ја најавиме дополнителната награда во пакетот кој го подготвуваме за победникот на годинашниот Лузер Фест, благодарение на поддршката и соработката со онлајн телевизијата „за млади и млади во душа", Бла Бла ТВ. Имено, првопласираниот бенд или солист на Лузер Фест 2015 покрај можностите за настапи на европските фестивали, снимање и објавување на албум, годинава добива и бесплатна изработка и снимање на видео спот за кој целосно ќе биде задолжен тимот на Бла Бла ТВ“, велат организаторите.

Трите првопласирани учесници на Лузер Фест 2015 влегуваат во селекција за настап на најголемите европски фестивали кои самостојно ќе го изберат изведувачот од Лузер Фест кој ќе се придружи на нивната фестивалска програма во 2016. година. Место на една од своите сцени за бендовите од Лузер Фест веќе резервираа реномираните „Егзит" (Србија), „Похода" (Словачка), „Сигет" (Унгарија) и „Шпанцир" (Хрватска).

Лузер Фест годинава ќе се одржи на 28. ноември во МКЦ каде што покрај претставувањето на финалистите и изборот на новиот победник, ЗКУ Таксират и Пасворд Продакшн подготвуваат низа дополнителни активности, како дел од офф-програмата на седумнаесеттото издание на Таксират фестивал. Целосната програма ќе биде објавена наскоро.

Објавено:
8 октомври 2015
Категорија: 
Култура
Прочитано:
160 пати