Made in Macedonia: Онлајн јога, бајки и боенки

26 март 2020

Во време кога сите треба да се придржуваме на мерките и препораките, веруваме дека секој од вас бара начини како да го помине времето, посебно со најмладите членови.

Денеска ќе ви презентираме три нови идеи, но од „домашно производство“. Погледнете ги и давајте поддршка на македонските креативци, уметници, компании од различна дејност. 

 

Јога за деца (а може и возрасни :) )

„Јога со Јуле и Даме“ е првото видео кое Јулијана Младеновска го објави на својот Јутјуб канал, со цел да ја доближи оваа дисциплина и до најмладите. Во време кога физичката активност е сведена на минимум, ова е одлична идеја како да ги натерате да се развдижат, а притоа и да ги анимирате, па и да им правите друштво. Во очекување на нови видеа, погледнете го ова и изработете ги вежбите:

 

 Бајки од Македонија за цела година

 Ова е насловот на илустрираното издание кое содржи 52 бајки и басни од нашата фолклорна традиција, а во издаваштво на издавачката куќа „Арс Ламина“. Со цел да ја приближат книжевноста до најмладите, а воедно на креативен начин да придонесат за што поквалитетно време во изолација, тие направија акција: „Вработените читаат“, а првото видео е од Татјана Димовска Атанасова, една од уредниците во издавачката куќа.

Таа ја прочита бајката „Немата езерска девојка“, а следете го Јутјуб каналот на „Литература мк“, како и социјалните мрежи за да бидете во тек за бајките што следат. Инаку, во овој период на изолација, сите книги во издание на „Арс Ламина“, вклучувајќи ја и оваа, кои ќе ги порачате онлајн се со 30% попуст

 

 Сликовници претворени во боенки

Уметникот Ване Костуранов создава фантастични сликовници за деца, но сега тие сликовници станаа боенки. На фејсбук страната на Костуранов, можете да видите веќе неколку решенија, кои можете да ги симнете и испринтате и да му овозможите да создаде нова верзија на веќе видените илустрации, односно оригиналите. Супер забава зар не?

 

Објавено:
26 март 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
715 пати