Магијата на холандските лалиња

3 мај 2018

Една од првите асоцијации на Холандија се токму лалињата. Но, тие всушност пристигнале во Холандија од Отоманската империја, во текот на 16-тиот век.

Кон средината на 17-от век станале толку популарни, што еден цвет можел да се продаде по исклучително висока цена. Овој период станал познат и како тулипоманија (tupip ang. - лале). Овој цвет е високо ценет и до денес, а според некои податоци понекогаш неговата цена е повисока и од 1.500 евра. Во светот има преку 3.000 видови лалиња, а во Холандија преку 1.000.

 

Добропознато е дека Кеукенхоф е местото каде што можат да се видат најубавите цвеќиња. Во овој парк годишно се садат преку седум милиони садници со цвеќиња. Паркот секоја година се уредува тематски, но без разлика што е темата, каде и да се свртите ќе видите прекрасна цветна глетка. 

Тие што сакаат да ги видат магичните полиња со лалиња, одат во Холандија најчесто во текот на април, па до средината на мај. Сезоната на цветање на лалињата секогаш е различна, бидејќи зависи од надворешните услови, но како и да е, кон крајот на април и почетокот на мај, лалињата секогаш се во цутот на својата убавина.

Инаку, сезоната на цвеќиња во Холандија започнува во март со цветање на качунките, потоа нарцисот. Во април покрај лалињата цветаат и зумбулите, а во август гладиоли.

Во продолжение ви презентираме уште некоја фотографија и ве оставаме макар на овој начин да уживате во магијата на полињата со холандски лалиња.

 

фото извор: boredpanda.com; airpano.com; barefootblonde.com; 

Објавено:
3 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
595 пати