Мајски оперски вечери: Од џинс до свечени тоалети на црвениот килим

10 мај 2019

Македонската опера и балет вчера беше местото каде што се славеше културата. Во присуство на љубителите на операта и личности од јавниот живот, вчеравечер беа отворени 47.Мајски оперски вечери.

Присутните ги поздрави директорот на установата, Васко Ристов, а честа да го запали фестивалскиот оган ѝ припадна на диригентката Бисера Чадловска, која воедно е и уметнички раководител.

Благодарение на нејзината иницијатива, присутните имаа можност да ја погледнат магичната опера „Аида“ на Џузепе Верди. Како што беше споменато и претходно, на средбата со медиумите, „Аида“ и ќе го отвори и ќе го затвори годинашното издание на манифестацијата.

Спојот на традицијата со визуелната иновација, футуристичката виртуелна сценографија ја одведоа публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта. Италијанскиот диригент Енрико Довико ја имаше честа да ги отвори Мајските оперски вечери со премиерната изведба оваа опера, а во продукција на Театарот Карло Феличе од Џенова. Режијата ја пренесува и адаптира Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети додека асистент кореограф е Саша Евтимова. Во главните улоги ги видовме Благица Поп Томова како Аида, Амади Лага (Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис и Борис Трајанов како Амонсаро. Улогата на Рамфис ја толкуваше Владимир Саздовски, додека во улогата на фараонот ќе настапи Евгениј Станимиров од Бугарија.

Повеќе за програмата и за тоа што ќе се случува во наредните 22 дена, можете да прочитате ТУКА.

Кога е модата во прашање, гостите се обидоа да го испочитуваат овој настан со долга традиција и да се појават во соодветна комбинација на црвениот килим.

Од она што имавме можност да го видиме, повеќето од присутните се одлучиле за сигурни црни комбинации. Коктел-фустаните до колена беа доминантни, украсени со по некој модел детаљ. Имаше и такви кои одлучија да придонесат за гламурозноста на настанот појавувајќи се во долги, свечани фустани. 

Помладите генерации имаа и посовремен пристап на нештата, па меѓу присутните имаше и такви кои одлучија со панталони со принт или поинтензивни бои да внесат свежина и да се истакнат.

Мажите секако одеа на проверената формула на темно или сиво одело. Многубројни беа и комбинациите на полежерно палто и панталони/фармерки. 

Фармерките беа опција и кај дел од дамите, модно парче кое треба да се заборави на вакви настани. Дел од мажите одлучија дека е доволно да се појават само во кошула и панталони, што исто така е несоодветно за ваков тип настан.

Колку и да се почитува лежерноста, сепак постојат неколку пригоди во кои таа треба да биде заборавена.

Сепак, генералниот впечаток е дека Македонската опера и балет вчеравечер беше посетена од луѓе кои сакаат и знаат да се дотераат, па со тоа посетата на настан со долга традиција и доза гламур, беше уште попријатна.

Во продолжение погледнете дел од атмосферата и црвениот килим:

 

Објавено:
10 мај 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
13.700 пати