Македонска забава и промоција на три наши филма во Кан

16 мај 2014

Петта година по ред во рамките на Канскиот филмски фестивал, нашата земја, Македонија има штанд во склоп на павилјонот на Југоисточна Европа бр 134 – Village International Riviera, стациониран помеѓу Фестивалската палата и Авенијата на палмите.

На маркетот агенцијата ќе ги презентира најновите филмови од македонската кинематографија, можностите кои што агенцијата ги нуди за копродуцирање со странски држави како и презентација на Македонија како дестинација за снимање филмови.

Во склоп на Канскиот филмски фестивал ќе се прикажуваат три македонски филма. На 20-ти мај ќе се прикажат, првенствено во 10.00 часот со салата Греј 1 филмот „До Балчак“ („Приказна од дивиот исток“) во режија на Стале Попов, според сценарио на бардот на македонската драматургија Горан Стефановски.

Станува збор за сурова, но романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е прикажана од агол на илузијата и релативноста за слободата, правдата, љубовта, среќата, жртвувањето, измамата и предавството. Снимањето на филмот започна во мај 2012 година, а екипата снимаше на локации во неколку македонски градови како Битола, Охрид, Прилеп, Скопје, Демир Хисар и Штип. Во филмот играат Инти Шрај, Сашко Коцев, Мартин Јордановски, Тони Михајловски, Сенко Велинов, Мики Манојловиќ, Никола Којо и други.

Подоцна, истиот ден во 18.00 часот во Ривиера 1 ќе се прикаже уште една македонска премиера на филмот „Деца на сонцето“, во режија на Антонио Митриќески. „Деца на сонцето“ е филм кој што ја раскажува приказната за „вечната“ транзиција, за препреките на народот соочен со класната разлика, непресушната верба и на моменти, немиот и наивен поглед на една фамилија од пониска класа која што слепо се стреми и верува во подобро утро. Филмот е продуциран од страна на Дејан Милошевски, музиката ја компонираше музичкиот виртуоз Влатко Стефановски кој што има и епизодна улога во филмот, а автор на сценариото е Гордан Михиќ. Во филмот играат Кире Ѓоревски, Владо Јовановски, Милица Стојанова, Мето Јовановски, Ивана Павлаковиќ.

Филмот „Жената што си ги избриша своите солзи“, во режија на Теона Митевска ќе биде прикажан на Visions Sociales. Фестивалот Visions Sociales повеќе од десет години е партнер на Канскиот филмски фестивал со престижна програма составена од општествено ангажирани филмови, дебати и разговори. Филмот на Теона Митевска „Жената што си ги избриша своите солзи“ ќе ја отвори оваа селекција на 17-ти мај во 21.00 часот.

Филмот ја прикажува борбата на две жени од различни општества од Франција и Македонија, кои што ќе се спојат под чудни околности, едната барајќи одговори поради загубата на својот син и отуѓувањето од сопругот, другата трпеливо настојувајќи да го најде својот изгубен сопруг и да го сочува синот. И двете на свој начин одбиваат да ја прифатат општествено одредената улога и се борат да ги преуредат своите судбини. Главните улоги ги толкуваат Викторија Абрил, Жан Мари Карел, Арбен Бајрактарај, Лабина Митевска и други.

Да напоменеме дека денес со почеток во 17.00 часот во павиљонот на Југоистична Европа ќе се одржи Македонската забава на која што се поканети голем број на професионалци од областа на филмската индустрија селектори на фестивали, директори на филмски маркети, дистрибутери, продуценти, режисери, со цел запознавање на македонската кинематографија и можностите што Република Македонија ги нуди за остварување на соработка во областа на филмот.
.

Објавено:
16 мај 2014
Категорија: 
Култура