Македонски дизајнери на „Божиќен базар“ во Wonderlust

22 декември 2016

Доколку сакате да подарите уникатен подарок за новогодишните празници, подарете со потпис на домашен дизајнер.

Така ќе ја поддржите домашната дизајнерска сцена, ќе ги мотивирате нашите креативци, а на личноста на која и подарувате ќе и покажете исклучително внимание.

Токму оваа е целта на празничниот „Божиќен базар" што оваа сабота се организира во урбаната концептуална продавница Wonderlust лоцирана на улица Македонија.

Преку целодневна дружба, супер музика и одличен избор на уникатни парчиња спакувани во различни дизајни од домашни дизајнери, ќе имате можност да го одберете најидеалниот подарок за вашите сакани или пак да си се почестите самите себе со некое интересно дизајнерско парче накит, облека или декоративни елементи за домот.

„Новогодишните подароци имаат некој посебен шарм, сите сакаме да ги изненадиме нашите драги личности со некој подарок кој ќе им ја заокружи годината или отпочне новата. Поради тоа, оваа сабота организираме pop-up shop каде покрај редовната понуда, внесовме и уште неколку креативци и брендови од Македонија кои ќе претстават дел од своите дизајни пред сите заинтересирани. Секако, на настанот имаме и попусти и изненадувања за сите да можат да најдат нешто интересно, дали како подарок за драга личност или подарок за себе", вели Дарко Давковски, еден од организаторите на настанот.

На овој празничен базар учество ќе земаат повеќе македонски дизајнери и брендови: Лудус, Ирина Тошева, Елена Лука, Јована Филиповиќ, Pur Pur, Kare Workshop, Evee, Викторија Џимревска, Скопје се носи, Еклектика, Креација, Ксантика, Armarium, Skopje Storutelling, Pastello, Mighty Jewelry, Schuster Shoes.

Убавата празнична дружба ќе биде проследена со фанк и соул по избор на Диџеј Дрази Драгс.

Објавено:
22 декември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
996 пати