Матица Македонска прослави 25 години постоење

6 октомври 2016

Со пригодна свеченост, читање, музика и многу изненадувања, книгоиздателството Матица Македонска вчеравечер ја прослави 25 годишнината во мултимедијалниот центар „Матица Ексклузив“.

Сосема очекувано, на настанот се појавија некои од нивните најпродавани автори, а сите присутни имаа можност да ја подноват својата библиотека со одлични книги со уште подобри цени.

По повод нивниот роденден, тие организираа и посебни средби со автори, но она на што најмногу се израдуваа нивните верни читатели, се големите попусти и до 50 проценти на некои од најпознатите наслови.

„Матица Македонска“ е формирана е на 24 август 1991 година во време на голем национален ентузијазам, но и време на големи предизвици.

Уште од самите почетоци тимот на Матица е составен од спој на искуство и младост, правец и идеја која опстојува и денес.

Во изминатите години, исполнети со многу работа, труд и љубов кон книгата, Матица објави повеќе од три илјади наслови од сите сфери на општественото живеење, со над пет милиони примероци.

Вредно е да се напомене е дека, книгите на македонски јазик, покрај на македонскиот пазар, преку соработката со големите издавачи во светот, достапни се и во книжарниците и библиотеките во Европа, САД и Австралија.

Во рамките на „Матица македонска“ организациски опстојува уште една млада екипа која го основаше и го раководи Клубот Матица - клуб на читатели кој во моментов има повеќе од четириесет илјади членови.

Во годините што претстојат, „Матица македонска“ ќе го продолжи својот зацртан пат за промоција на македонскиот збор, слово и книга, темелните вредности на едно современо општество и развој и промоција на млади автори кои ќе ги освојуваат светските книжевни височини.

Објавено:
6 октомври 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
464 пати