Ноември - месец на машкото ментално здравје и свесност за ракот на простата

Маж што ја победил депресијата порачува: Фраерлакот не е храброст, барањето помош е

2 ноември 2020

Од 2003 година па наваму, благодарение на здружение од Австралија, ноември станува препознатлив како Мовембер - Месец на машко здравје. Мо-браќата тогаш ги истакнуваат мустаќите, но зад овој естетски момент (за некои жени привлечен, за некои можеби и не толку) се крие пораката дека свесноста кај мажите за нивното здравје мора да се зголеми.

Најчесто се посочува на проблемите со ракот на простата и ракот на тестиси. Тие се најчестите малигни заболувања кај мажите. Ракот на простатата е на второто место по смртност. Во светот на секои три минути еден маж добива дијагноза на рак на простата, а на секои 13 минути, од оваа болест еден маж умира.

Во светот, годишно има дури 1, 2 милиони новодијагностицирани случаи на рак на простата и таа бројка е во постојан пораст.

Од друга страна, ракот на тестиси е далеку поретка болест од оној на простата, но секако е сериозно заболување кое се јавува кај 9 на 100.000 мажи.

Но, ноември или Мовебер е месец и на менталното машко здравје, а тука податоците се навистина загрижувачки.

Светската здравствена организација објави податоци за минатата година кои велат дека околу 800.000 луѓе си го одзеле животот, а од тоа, две третини се мажи. Самоубиството е на третото место на најчести причинителни на смрт кај младите помеѓу 15 и 19 години.

Во Британија пак, самоубиството е најчестиот начин на смрт кај мажите на возраст до 50 години.

Меѓу нив можел да се најде и 40-годишниот Џејмс.

После речиси 20 години страдање поради постојани напади на депресија, буквално во тишина, Џејмс на 39 години стасал до крајот на патот.

Овој, спортско настроен, духовит директор, смислил начин како да си го одземе животот, кој што вклучувал автомобил, дрво и голема брзина.

„Јаснотијата на размислувањето за ова потполно го стави во сенка она што ќе им го направам на луѓето околу себе“, вели тој, а пренесува „Би-би-си“.

„Дали мислев дека ќе им биде подобро без мене? - Да! Но, на крај ме спречи размислувањето за моите деца, што ќе им направи тој мој чин на нив“.

Како и многу други мажи, Џејмс чувствувал дека не може да им каже на другите како се чувствува. Сокривал се' под маската на хуморот, не ѝ се доверувал ниту на сопругата.

А тогаш се случило нешто на работа, нешто ситно на што не може ни да се сети што било - но поради тоа, во тоа време, се чувствувал толку лошо и било доволно за да одлучи да се убие. 

Додека го повторувал својот план, Џејмс се затворил во тоалетот на работното место и плачел. Нешто го натерало да ѝ се јави на една пријателка.

Вели дека се сеќава како ѝ липтал на телефон час и половина, откривајќи ѝ дека „не му оди најдобро во животот“, но сепак во голема мера намалувајќи го интензитетот на она како навистина се чувствува.

Не ѝ кажал дека планира да си го одземе животот, но сето негово липтање таа го сослушала и му дала совет.

„Таа практично ме предомисли. Тоа беше првото пробивање на браната“.

Животот му го спасило тоа што по првпат одлучил на некого на овој начин да му се обрати. Набрзо е примен во центарот за Интензивна нега.

Депресијата првпат го погодила Џејмс во текот на првата година на факултетот, кога имал 20 години, но не чувствувал дека може да им раскаже на пријателите низ што поминува. 

Бил член на фудбалскиот и крикет тим. Со другарите одел по клубови и се опивал, а на другите им изгледало дека се забавува како никогаш претходно. 

„Чувствував дека морам да бидам дел од таа приказна, да се вклопам во тој тим. А за да го постигнам тоа, морав да ја „терам“ фраерската шема на такво „распуштено“ однесување. Сметам дека мажите токму поради тоа многу се мачат во животот. А потоа паднав во вртлогот наречен очај - зарем треба да се однесувам фраерски дури и ако не уживам во тоа? Се обидував да се вклопам во она како општеството смета дека мажите треба да се однесуваат“, вели Џејмс.

Кога конечно побарал помош од лекар од општа пракса, не му е понудено советувалиште, туку само антидепресиви. Дали некој вид терапија со разговор, опција која денес се преферира, би му помогнала? Не е сигурен дека тоа би го дозволил, дека би се согласил.

„Мажите не се чувствуваат пријатно во ситуација кога се приморани да ги изразуваат чувствата. Кога е во прашање терапијата, мора да седнеш во таа просторија и немаш каде. Да бидам искрен, терапијата и понатаму кај поголемиот број мажи е многу грд збор“, открива тој. 

Во професијата доминираат жени терапевти, па не изненадува фактот што жените сочинуваат 2/3 од луѓето кои бараат помош

„Постои перцепција за мажите дека „мора да бидат мажи“ и „да стиснат заби“, дека треба да бидат силни пред лошите работи, а се' тоа им го отежнува моментот да се отворат, да побараат помош. Кога сте маж или момче во таква ситуација, многу работи ве спречуваат некому да се обратите и да побарате помош која ви е и повеќе од потребна“, нагласува Ли Камбуле, стручно лице за ментално здравје.

Мартин Робинсон, уредник на интернет страната „Машка книга“ вели дека мажите пред да се одлучат да побараат помош, можат да потонат и во подлабок очај од жените. Причината за тоа ја наоѓа во лошата порака која општеството ја праќа на младите, особено мажите, дека мора да бидат цврсти.

„Навистина мислам дека поради тоа што цел живот им е зборувано дека не смеат да ги имаат тие проблеми, затоа многу луѓе се кријат се' додека не дојдат на точка на длабоко растројство“, вели тој. 

Адам Афган е уште еден маж кој пред неколку години имал сериозно мрачни и суицидни мисли.

„Упорно ги потиснував во главата, одново и одново. А тие мисли стануваа се' полоши и полоши, до точка кога мислев дека единствен начин да се ослободам од нив е да ме нема“, вели тој.

Но, за среќа, нашол храброст да го прекине молкот и да побара помош од мајката која му нашла терапевт. Адам и Џемјс се членови на „Мовембер“ организацијата, која прави и тематски настани, на кои мажите ги собира на едно место и каде заедно зборуваат на многу теми, меѓу кои и личните ментални проблеми.

Џејмс е еден од омилените во заедницата, кој нема проблем да ја сподели својата приказна и кој постојано ги потсетува дека во моментот кога ќе ги ослободат своите чувства, се' ќе биде многу полесно и дека не се сами во нивните искуства.

„Мажите сметаат дека се' што ќе дојде во животот мора да го примат храбро, директно во лице. А всушност не, воопшто не е храбро да се страда во тишина. Храброст е да се соочите со сопствените проблеми, со болката која ја трпите. Да се обидете да се излечите е вистинска храброст, а не да бидете мачо и фраер“.

Објавено:
2 ноември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
124 пати