Медените сè поблиску до Оскар – „Honeyland“ во потесниот избор за најдобар документарец и интернационален филм!

17 декември 2019

Македонскиот кандидат за Оскар, „Honeyland" на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов се најде во потесниот избор за номинација за Оскар и тоа во две категории: за најдобар документарец и интернационален филм!

Доцна синоќа информацијата беше соопштена на официјалната страна на Американската филмска академија која ја објави листата со потесниот избор на селектирани филмови во 9 категории, од кои ќе бидат селектирани по пет официјални кандидати што ќе бидат соопштени на 13 јануари.

Нашиот „Honeyland" во категорјата за најдобар документарец е избран меѓу 15-те најдобри од 159 пријавени, додека во категоријата за најдобар интернационален филм влезе во потесниот круг 10 најдобри од вкупно 91 пријавени. Комплетната листа може да ја погледнете на овој линк.

Медените се сè поблиску до официјална номинација за најпрестижните филмски награди, со оглед на тоа дека успеаја до сега да ги освојат сите релевантни и најзначајни признанија за документарен филм на светско ниво, па очекувањата за Оскар се реални!

Оскарите се доделуваат во вкупно 25 категории, а најзначајната филмска вечер е закажана за 9. февруари во Холивуд.

До сега единствен македонски филм што имал своја номинација за Оскар, е „Пред дождот" на Милчо Манчевски во 1995 година.

 

Објавено:
17 декември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
234 пати