„Метаморфозите“ на студентите по дизајн на ТМФ

3 април 2017

Во рамки на трите дена на Модниот викенд Скопје, присутните имаа можност да видат и дел од работата на студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека од Технолошко-металуршкиот факултет.

Иако веројатно очекувате парчиња облека или ревија, тоа допрва треба да се случи. Она што беше во фокусот на вниманието беше првиот стадиум на нивниот проект, mood board, кој имаше за цел да ни покаже во која насока ќе се движи останатиот дел од презентацијата.

-Оваа 2017 година за студентите на ТМФ е под знакот на темата „Метаморфози“. Се договоривме да ја презентираме во три стадиуми и ова што го покажавме на Модниот викенд Скопје е првиот. Направивме голема размена на идеи, и секако, првиот стадиум е чаура. Тргнавме од идеја на инсекти, пеперутки,од некој зачеток кој потоа преминува во трансформирање во нешто. Тоа е идејата на метаморфоза. Вториот стадиум е замислен да се случи на годишната ревија на ТМФ, а третиот во октомври на Моден викенд Скопје – ни откри професорката Лидија Георгиева.

Таа додаде дека во проектот се вклучени студенти од трета и четврта година.

Со оглед на тоа дека се работи за прв стадиум, презентирани се само модни додатоци – чанти, накит, предмети, од кои идните дизајнери ќе се инспирираат и ќе создадат креации.

-Вечерта на отварањето, заедно со нас беа и идните био-технолози. Студентите од дизајн работеа со нив на развивање на накит од јадлив фил, а подоцна исто така, ќе го искористиме и во текот на ревијата. Наа кој начин ќе се случи тоа, ќе ви покажеме тогаш – најави Георгиева.

Дотогаш, погледнете како изгледаше презентацијата на првиот стадиум. 

Објавено:
3 април 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
294 пати