Мирно небо Маестро...

9 мај 2017

Моите први сеќавања за Зоран Маџиров се од раните 90-ти. Беше топло струмичко лето, јас имав некои 5 или 6 години, а Маестро имаше перформанс. Тропаше на шишиња и создаваше уметност... Туку така... Од обични стаклени шишиња. Дури и за мојата бесконечна детска фантазија беше несфатливо како овој човек создава така пријатна музика од неговите чудни инструменти. Неговиот нескротлив темперамент се брануваше помеѓу луѓето и им ги насмеваше лицата. Колку убава енергија на едно место беше тоа, и денеска ја носам со себе. Мојот впечаток беше толку силен што кога се вратив дома, наполнив неколку чаши со различна количина вода и почнав да удирам по нив со целиот кујнски прибор за јадење што го имав при рака (кафени лажици, супени лажици, вилушки). Хм, некако не успеав да го доловам ритамот, па си викам: ова мора да е до шишињата, нема врска со чаши...

Пред три години во центарот на Милано, во непосредна близина на Дуомо, го слушам истиот звук и ја чувствувам истата таа енергија во близина. Пред мене гледам толпа народ, туристи, локални, сите од уво до уво насмеани и сите „цупкаат" во ритамот на „шишињата". Ех, си викам, ова мора да е нашиот, струмичанецот. Неколку часа останавме со него, му правевме друштво за време на паузите, а во меѓувреме уживавме во неговиот уличен перформанс. Каков човек, космополит, си велам во себе. Колку добрина и генијалност има во ова вонземско човечко суштество, што ја чувствуваш преку секој негов гест, збор, артикулација... Ми потпиша едно негово ЦД и ми кажа да поздравам дома, кај нашите, во Струмица. Цело лето го слушавме цд-то и иако не сме некои музички експерти, му ја впивавме и анализиравме секоја нота. Го слушаме и денеска.

Пред неколку месеци, речиси година дена од тогаш, подготвував интервју со Зоки. Прашањата спремни, му ги пратив на маил, рече да се врати и ќе ми одговори. Не го реализирав тоа интервју. Ама пред некој месец имав ретка привилегија да направам интервју со Нина, ќерка му. И кажав да не не заборава кога ќе се фотографира на црвениот килим во Холивуд. Каков прекрасен лик е Нина, целата добрина, харизма и талент и се читаат оддалеку.

Мирно небо Маестро и поздрави го Малиот принц Игор.

Објавено:
9 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.112 пати
Тагови: 
Зоран Маџиров