„MK tradición NEW концепт“ на Јана Манева-Чупоска е спој на современото и традицијата

30 декември 2015

Вчеравечер во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба" беше поставена изложбата „MK tradición NEW концепт" на Јана Манева-Чупоска, која е составена од дванаесет објекти во кои се испреплетуваат ликовното во модата, дизајнот и традицијата.

Дванаесетте „модни објекти", изработени од графички принт кој има улога на текстил, од стари семејни фотографии од Мијачкиот крај, со претстава на ликови облечени во традиционална народна носија, се третирани како објекти за интервенција од ликовен карактер.

Историчарот на уметност Елена Макаровска во текст за каталогот на изложбата пишува „ликовниот уметник и моден дизајнер Јана Манева-Чупоска, веќе подолго време се занимава со темата спојување на современото со традицијата. Иновативна и смела во своите ликовни и дизајнерски презентации, оваа уметница, кон уметноста воопшто пристапува секогаш со неконвенционални методи на прикажување на своите идеи. Тоа се докажува и во овој случај, во изложбата со наслов ,MK tradición NEW концепт'".

Во продолжение погледнете дел од поставката и амбиентот од отворањето на изложбата.

 

Објавено:
30 декември 2015
Категорија: 
Култура
Прочитано:
246 пати